Колкав долг вративме и колкава камата плативме?
За првите десет месеци годинава од буџетот што го полниме ние граѓаните платени се 111,8 милиони евра за камати на долг, а за отплата на главница 258,7 милиони евра. Истовремено за првите десет месеци новото задолжување само на домашен пазар е 277,8 милиони евра.Треба ли да не плашат овие бројки? Може ли да се менува нешто на подобро?

Од централиот буџет за првите 10 месеци само за камати на македонскиот долг Министерството за финансии платило 6,9 милијарди денари (111,8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии објавени на нивната веб страница, потег на кој уште еднаш треба да им се честита.За работите да станат појасни.
Гледано по месеци, просечно месечно, каматите на македонскиот долг нас - даночните обврзници не чинат 11,2 милиони евра!
Од вкупните 111,8 милиони евра за камати на долг кон странски кредитори сме платиле околу 75 милиони евра, а другите околу 37 милиони евра се платени за камати спрема домашни зајмодавци.
Најголема месечна камата за домашен долг е платена токму во октомври и таа изнесува 332 милиони денари односно околу 5,5 милиони евра.
Најголема месечна камата за странски долг е платена во јули и таа изнесува 53,4 милиони евра.
Најмногу пари на месечно ниво за отплата на главница и на камата се дадени во јули и тие изнесуваат 8,25 милијарди денари односно 133,7 милиони евра!
За нештата да бидат појасни – за да се плати јулската рата за отплата на главница и камати не биле доволни трите најголеми даночни приливи!!! За тој месец државата собрала: нето од ДДВ 4,78 милијарди денари, од акцизи 1,964 милијарди денари и од персоналец 1,21 милијарди денари. Сите овие приходи заедно праватпомалку од 8 милијарди денари!
Дали ситуацијата е под целосна контрола и дали можеме да управуваме со долгот како што сакаме ние или единствено решение е да се задолжуваме на подолги рокови? Дали сме приморани на репрограмирање во иднина?
Р.Ф.