Колкав данок ќе се плаќа за половните возила - ќе каже Правилникот на Царината
Наместо акциза, од стартот на идната година ќе се плаќа данок на моторни возила. А тој данок ќе биде повисок за автомобилите кои повеќе загадуваат, односно имаат пониски еколошки стандарди.
До крајот на годинава во Собранието треба да биде изгласан Законот за данок на моторни возила.
Со овој закон се предвидува дека висината на данокот ќе зависи од годината на производство на возилото и неговата набавна цена, како и од тоа колкава емисија на јаглерд диоксид испушта во околината. Врз данокот влијание ќе има и видот на гориво што го користат автомобилите.
Колкав данок кои возила ќе плаќаат треба да се разјасни откако Царината ќе го донесе новиот правилник, кој е најавен за по донесувањето на законот во Собранието.
Новиот правилник треба да стапи во сила од 1 јануари 2020 година. Во своето гостување во емисијата „Економски магазин“, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, изјави дека промената на цените на возилата не се очекува да се почувствува во првата година, туку процесот ќе се одвива постепено.
Според Танасоски, новиот закон се однесува на увозот на нови и на половни возила. Со него, покрај повисоки давачки за поголемите ослободувачи на јаглероден моноксид, ќе има бенефиции за возилата што емитуваат помали концентрации на СО2.
„Она што е добро, со овој закон се исправаа одредени неправди, да речам, во два аспекта. Во контекст на ослободувањето, каде што имаме ослободување на возилата кои се користат за прва помош, на оние кои се користат за превоз на починати лица, ја стимулираме набавката на нови возила за такси превоз, каде што се предвидува да се враќа данокот на моторни возила 25 отсто, додека за возилата со број на седишта 7+1 и 8+1 кои се користат за такси превоз и за превоз во претпријатијата ќе се враќа до 80 отсто од данокот. Електричните возила од сите категории се ослободени од данок“, изјави Танасоски.
Согласно новиот закон, хибридните возила се ослободуваат до 50 проценти од данокот.
А со овој закон главната цел на Владата е да се дестимулира увозот на половни возила со ниски еколошки стандарди, и со тоа да се води борба против аерозагадувањето. Во изминативе 10 години во земјава биле увезени над 300 илјади половни автомобили.
