Обвинителката Коларевиќ за мазутот за ТЕЦ „Неготино“: Постапката чинела над 50.000 евра, сомнежите останале без докази за обвинение
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска на брифинг ги образложи причините поради кои е запрена истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. На брифингот присуствуваше и шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, а предметот го презентираше обвинителката Катерина Коларевиќ, која ја водела постапката.
Коларевиќ информираше дека досегашната истражна постапка чинела над 50.000 евра. Случајот беше отворен по кривична пријава на МВР, во која се наведуваа сомнежи за злоупотреби при јавните повици, незаконско склучување договори и анекси, како и перење пари, во период кога набавките се реализирале во услови на енергетска криза.
Во истрагата беа опфатени вкупно 13 лица. Меѓу нив беа бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, Ратко Капушевски, сопственик на „РКМ“, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Со запирањето на истражната постапка, обвинителството оценило дека за лицата опфатени со предметот нема доволно докази за поднесување обвинение.
Во делот за лиценците, Коларевиќ појасни дека обвинителството проверувало како бил организиран синџирот на снабдување. Според објаснувањето на брифингот, фирмата што ја презела договорната обврска кон ЕСМ немала сопствена лиценца за директен увоз на мазут, а самиот увоз и испораката се реализирале преку други правни лица што поседувале соодветни лиценци. Обвинителството ги анализирало договорите и документацијата во тој дел и оценило дека од нив не произлегуваат докази за кривична одговорност.
Обвинителката објасни дека во моментот на отворањето на истрагата постоело разумно сомневање, но по прибирањето на доказите, исказите, документацијата и вештачењата, обвинителството оценило дека нема основ за поднесување обвинение.
„Истрагата служи за да се провери дали сомнежите ќе се потврдат со докази“, рече Коларевиќ на брифингот.
Според ОЈО ГОКК, во постапката биле анализирани обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од сведоци од АД ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“ и економски оператори поврзани со снабдувањето со мазут. Од обвинителството наведуваат дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту било утврдено друго кривично дело што се гони по службена должност.
Еден од клучните делови на брифингот беше контекстот во кој се спроведувале набавките. ТЕЦ „Неготино“ претходно со години не работела и не била дел од редовните годишни планови за производство на електрична енергија. Со енергетската криза во 2021 година, државата решила повторно да ја стави во функција, за што биле потребни големи количини мазут во краток рок.
Новинарите поставија прашања дали условите во јавните повици, меѓу кои и барањето за голема дневна динамика на испорака, можеле фактички да го стеснат кругот на понудувачи. Коларевиќ рече дека обвинителството го проверувало и тој дел, а условите ги оценувало според потребите на електраната, состојбата на пазарот и можноста навреме да се обезбедат потребните количини.
„Прашањето беше дали државата можела да чека, ако потребните количини не можеле да се обезбедат во бараната динамика“, посочи обвинителката.
Во овој дел, обвинителството објасни дека биле контактирани економски оператори што поседувале лиценци за трговија со мазут, а во дел од јавните повици тие биле известени да учествуваат, додека дел од повиците биле објавени и во дневни весници. Според исказите што ги прибрало обвинителството, дел од компаниите не учествувале поради деловни и економски проценки, високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците на енергетските пазари.
На брифингот беше појаснето и дека обвинителството ги проверувало договорните односи преку кои се обезбедувале количините мазут, прашањата за лиценците, како и улогата на компаниите во синџирот на снабдување. Коларевиќ рече дека од прибраната документација и исказите не произлегле докази за кривична одговорност.
„За кривично дело мора да има докажана штета или противправна корист“, рече обвинителката.
Обвинителството ги следело и парите што ЕСМ ги исплаќала по фактурите за набавениот мазут. Биле проверувани финансиските трансакции, договорите и исплатите поврзани со реализацијата на набавките. Според обвинителството, исплатените средства не претставувале противправно стекната имотна корист, па трансакциите не можеле да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.
Во однос на можната штета, Коларевиќ посочи дека економските и машинските анализи не утврдиле штета за АД ЕСМ или за Буџетот на државата. Според обвинителството, мазутот бил испорачуван континуирано и навремено, а производството на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“ во критичниот период овозможило обезбедување струја по значително пониски цени од цените на слободниот пазар.
„Нема штета. Според анализите, има корист од преземените мерки“, рече Коларевиќ.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека во критичниот период не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија и дека не постоеле рестрикции во снабдувањето. Во образложението се наведува и дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите биле спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, односно со одлуки на Управниот одбор, потврдени од Надзорниот одбор.
Посебен дел од брифингот беше посветен и на квалитетот на мазутот и на прашањата поврзани со загадувањето. Коларевиќ рече дека во земјава немало акредитирана лабораторија за целосна хемиска анализа на течни горива, па биле барани дополнителни стручни мислења и проверки. Според обвинителството, тие проверки дале технички и технолошки параметри, но не обезбедиле основ за кривична одговорност.
„Обвинителството постапува врз основа на докази“, рече Коларевиќ, одговарајќи на прашања за јавните и политичките реакции што го следеа случајот.
Со запирањето на истрагата, без обвинение остануваат бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, и Ратко Капушевски, сопственик на „РКМ“, кои беа меѓу главните осомничени во предметот вреден 167 милиони евра. Истрагата опфатила вкупно 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство.
По донесената наредба за запирање на истражната постапка, осомничените остануваат на слобода, а оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.
Филип Костов
