Која е врската помеѓу упадот во А1 и „бомбите“?
На денешното судење за „Таргет и Тврдина” сведокот Ѓорѓи Лазаревски рече дека упадот во А1 телевизија бил клучниот момент кога заедно со Звонко Костовски одлучиле да обезбедат докази за масовното нелегално прислушување.
Тоа беше настан кога беше јасно дека власта е веќе без контрола, изјави Лазаревски кој заедно со колегата Костовски ја открија аферата со прослушувањето.
„Тоа беше преломниот момент дека сакаме да го направиме тоа“, појасни Лзаревски.
Во меѓувреме тој се сретнал со Зоран Верушевски и кога му открил што се случува, Верушевски му рекол дека треба да се зачуваат прислушувани материјали и да се анализираат.
Првите прислушувани материјали ги ископирале кон крајот на 2010 година, кои веднаш му ги предавале на Верушевски.
„Првите документи ги изнесов на екстерен диск што Звонко Костовски ми го даде во ходниците на МВР“, изјави Лазаревски.
Кажа дека првин ги ваделе разговорите на опозицијата, но кога сфатиле дека се прислушуваат и владини функционери ги ваделе и нивните разговори, особено разговорите на екс министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.
Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот премиер, Никола Груевски не биле директен таргет во масовното прислушување, а нивните разговори кои јавноста имаше можност да ги чуе се оние кога разговарале со таргетирани лица.
