Која е причината поради која почина 15 годишното момче на клиника?
Многу ретка компликација од анестезија најверојатно е причината за смртта на 15 годишното момче од Скопје, кое завчера починало при операција на колената на Клиниката за трауматологија.
Момчето се повредило на часот по физичко и требало итно да биде оперирано. Од клиниката тврдат дека се запазени сите протоколи, а со истиот инхалационен анестетик истиот ден оперирале десетина пациенти.
Кај момчето анестезијата предизвикала откажување на функцијата на витални органи.
„Се работи за една нестандардна, а гресивна и многу ретка состојба на која организмот многу снажно реагира на некој од инхалационите анестетици. Сметам и тврдам дека почитувани се сите протоколи и хируршки и анестезиолошки, оваа реакција е невидена досега повеќе од 20 години колку што сум на хируршките клиники“ - вели д-р Илир Хасани, директор на ТОАРИУЦ.
Анестезиолозите се обидувале да го реанимираат пациентот, но безуспешно.
На хируршките клиники досега немале регистрирано ваков случај, иако годишно се извршуваат илјадници операции. Сепак, обдукцијата треба да ја покаже точната причина за смртта на момчето.
