КОЈА Е ОХРИДСКАТА ФИРМА ШТО ЛАНИ НАПЛАТИ 8,8 МИЛИОНИ ЕВРА, НО ИМА И ДОЛГОВИ ОД 4,5 МИЛИОНИ - прават леб и пецива, а ќе имаат и новини и веруваат во подобро утре
Охридски производител на леб прикажа зголемена добивка за минатата година, а очекувањата се финансиските резултати да стануваат и подобри во наредниот период. Но, зголемени се тековните обврски и менаџментот бара начини како да ги надмине.
Според објавениот годишен извбештај на „Жито леб“ од Охрид, компанијата минатата година ја завршила со чист профит од над 172 илјади евра, што е солиден пораст во однос на претходната година. Овој чист профит е направен со наплатени вкупни приходи од 8,8 милиони евра. Компанијата сака и натаму да работи профитабилно за да може полесно да ги измири тековните обврски, кои се на ниво од 4,5 милиони евра, и се зголемени во однос на претходната година.
Конкретно, од своето работење друштвото лани успеало да наплати вкупни приходи во вредност од 8,8 милиони евра, што е респектабилна сума и поголема од една година претходно, кога вкупните приходи биле на ниво од 8,1 милиони евра.
За ова акционерско друштво во годишниот извештај е наведено дека неговата структура на капиталот е составена од издадени 15.654 обични акции во сопственост на физички лица акционери. Но, не подлежи на обврските за акциите да се гледаат на Централниот депозитар за хартии од вредност за капитал над 5 отсто.
Според Централниот регистер, генерален директор на компанијата е Кристијан Колески, неизвршен член и претседател на Одбор на директори е Ќире Колески, а неизвршни членови на ОД се и Марина Милошевиќ Николоска, Бранко Ристески и Аце Ѓоршески.
Колески е потпишан и на годишниот извештај на компанијата, а чија основна дејност на друштвото е производство на прехранбени производи и тоа производство на леб Т-500, специјални лебови, бело пециво, лиснато пециво, бурек и банички, визитарски пецива, специјални лајбици и лепињи и слаткарски програм.
„Жито Леб“ Охрид, има основано поголем број на подружници преку кои се одвива работењето, и тоа преку 30 продажни места, покрај во Охрид и Струга, и во главниот град на државава, Скопје, и тоа во различни населби, а поседува и 40-тина товарни возила.
Бројот на вработени на компанијата на крајот на минатата година бил 281 вработени, што е благо намалување во однос на 288 лица колку што биле вработени на крајот на 2022 година.
Директорот Колески во својот годишен извештај напишал дека побарувачката на производи од пекарската индустрија е нееластична и разновидна, што значи дека, како што вели, на пазарот на храна ќе се води перманентна борба со вовдедување на нови конкурентни и квалитетни производи и за што подобар квалитет на постоечките, како и намалување на трошоците на работењето. Тој нагласува дека ланската година била тешка за функционирање, имајќи ги предвид општите влошени економски услови, како и негативните ефекти од руско-украинската војна, кои сеуште се одразуваат кај нас.
„Годината што измина, гледајќи ја низ сите параметри, беше неизвесна за функционирање, но сепак се успеа да се постигнат добри резултати. Зголемувањето на цените на суровините, како брашното и останатите суровини, имаа голем ефект во текот на целата година. Негативен ефект кој имаше свој одраз на профитните маржи беа и законските ограничувања и мерки кои се воведуваа од страна на државата“, се вели во неговото образложение.
„Во рамките на плановите за делување на друштвото во наредната година, менаџментот ќе ја продолжи проактивната политика на проширување и продлабочување на постоечките пазари, како и освојување на нови пазари во границите на РМ и надвор од нив, ќе продолжи со афирмација на политиката за рационализација на трошоците во работењето на сите нивоа со цел зајакнување на економичноста во работењето и создавање на услови за профитабилно работење, а со крајна цел за максимилизација на профитот. Ќе продолжи процесот на едукација на вработените во непосредното производство во правец на проширување на производствениот програм со нови содржини во делот на смрзнатите производи, специјалните лебови, пецивата и слаткарските производи, ќе се спроведат неопходни мерки за организационо прилагодување и едукација на вработените за Хасап стандардот, како и воведување на нови стандарди, како што се Халал, Кошер и слични стандарди, се со цел освојување на нови пазари. Ќе продолжат активностите за проширување на мрежата на млечни ресторани ниц цела територија на земјава, и тоа преку сопствена продажна мрежа и преку систем на франшиза, како и проширување на продажбата на прозиводи од смрзнатата програма на пазарите во Македонија и надвор од нив“, се вели во годишниот извештај.
Директорот наведува и дека тие постојано инвестираат во модернизација на производството и современа опрема, модернизација на продажните објекти, но и во проширување на асортиманот, што би требало да ја зголеми профитабилноста и во иднина, а тоа, пак, како што вели директорот, да го надмине проблемот со зголемените тековни обврски на оваа компанија. Се преземаат и мерки за намалување на трошоците, а се инвестирало и во пшроизводство на фотоволтаици, што би ги намалиле расходите во тој дел.
„Ако е потребно, спогласно добиените кредитни услови од банките, друштвото ќе пристапи кон дополнително задолжување, со цел да ја одржи ликвидноста на потребно ниво, како и за реализација на нови вложувања. Раководството верува дека со ова ќе се овозможи поголема ликвидност и солвентност, односно редовно сервисирање на достасаните обврски за плаќање, што ќе направи обврските да бидат измирени“, се вели во објавата потпишана од директорот.
Според Билансот на состојба, „Жито леб“ има долгорочни обврски на крајот на 2023 година на сума од 624 илјади евра, што е намалување во однос на претходната година, додека тековните обврски се 4,5 милиони евра, што е раст во однос на една година претходно, кога тие биле на ниво од 3,8 милиони евра.
Н.Н.Ф.
