Кој министер за здравство се најде во нишанот на СЈО?
СЈО најави покренување на 7 нови истраги за корупција и кривични дела сторени од страна на поранешни владини функционери. Еден од нив е предметот „Рентген“ во кој СЈО сомничи поранешен министер за здравство од периодот 2012 година за злоупотреба на службена положба при што се претпоставува дека сторил штета врз буџетот од над 800 илјади евра.
На денешната прес конференција специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи посочи дека во „Рентген“ е нарушена тендерската постапка со тоа што е фаворизирана една компанија, а има индиции и за „инсајдерски“ информации врз чија основа е формирана и понудата за набавка на медицинска опрема. Според СЈО тогашниот министер бил запознат со студијата која била изработена на овој начин со претходен инсајдерски увид бидејќи му била испратена на личната мејл адреса.
Според истражителите на СЈО и покрај тоа што овој случај се дозна во 2014 година откако изби скандалот со една позната македонска новинарка бидејќи фирма во која учествувала таа и нејзината мајка аплицирала на тендерот, министерот за здравство не ја прекинал постапката туку склучил договор со второрагираните и со тоа прибавил противпрвна имотна корист за себе од 860.000 евра.

За скандалот со милионскиот тендер тогаш говореше и опозициската СДСМ барајќи оставка од министерот за здравство и одговорност од инволвираните иако навидум случајот беше затворен и дојде до дистанцирање од фирмата понудувач со изговор дека постапката не е етичка, а се говореше и во Собранието по поставените пратенички прашања дека не е сторен никаков криминал.
Поради пресумпција на невиност имињата на осомничените во овој случај нема да ги објавиме се додека не следат формалните чекори од страна на СЈО и правосудните органи.
