Премиерот Димитар Ковачевски денеска, како одговор на прашање од новинар, рече дека од првиот ден откако стапил на својата премиерска функција, тој и неговото семејство се под директен напад, а наредбата за нив, според него, дошла лично од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Од првиот ден, јас и моето семејство сме под директен напад, особено мојата сопруга и тоа е под директна наредба на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. До таква атмосфера дојде, бидејќи немајќи никакви аргументи во расправата во собранието ВМРО – ДПМНЕ во однос на реконструкцијата на Владата и со оглед на тоа дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата а излезе дека Владата има зголемено парламентарно мнозинство од 65 што се потврди вчера, по негова наредба дискусиите на пратениците од ВМРО -ДПМНЕ беа исклучиво насочени против мојата сопруга“, рече Ковачевски.
Како што објасни, покрај сопругата, цел на такви напади била и неговата малолетна ќерка. Затоа рече дека за овие нечовечки нарачки нема да бара извинување.
„Директно под негова наредба за мојата малолетна ќерка во текот на месец јули минатата година кога се носеше францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата Тик Ток и јас за ова од таков нечовек не барам извинување“ порача Ковачевски.
Претходно, пак, пратеничката Бети Стаменковска Трајковска во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“ на Радио Лидер откри дека премиерот Димитар Ковачевски на Прочка ѝ се јавил да ѝ се извини, при што рекол дека станува збор за недоразбирање.
„Телефонски ми се јави Ковачевски да ми се извини на Прочка. Го искористи моментот со празникот, но ме убедуваше дека погрешно сум го разбрала. Многу сум му благодарна на Богдан Илиевски што, благодарение на современата техника, го исчисти звукот токму таму, кога го користи тој погрден збор и јавноста нека му суди. Никогаш не би му простила, а христијански е да простуваме, но навредата е толку голема“, изјави Бети Стаменковска Трајковска.
Таа додава дека се почувствувала навредена, но ја погодила и реакцијата на колешките пратенички кои го слушнале тоа и не реагирале.
„Не е само Хелсиншки којшто молчи за оваа ситуација, молчат и многумина други коишто требаше да ја осудат таа работа. Имаме многу невладини и институции, а и неговата партија има Форум на жени – вели Стаменковска Трајковска.
Таа вели дека селективноста на државата ни е до тој степен дојдена што не може ова да се нарече демократско општество.