Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРА СО АСТРАЗЕНЕКА: Утре во Македонија пристигнува првата пратка од Ковакс

КОЈ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРА СО АСТРАЗЕНЕКА: Утре во Македонија пристигнува првата пратка од Ковакс

За утре во 7.55 е најавено пристигнувањето на првата пратка од 24.000 дози вакцини на АстраЗенека преку Ковакс-механизмот. Извори на Фактор брифираат дека вакцинацијата со овие вакцини, сосема исто како и со претходните од Фајзер и Спутник, ќе започне во среда, но засега нема информации каде ќе бидат дистрибурирани вакцините и која популација ќе се вакцинира.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р. Жарко Караџовски во вчерашното гостување во „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека првите 24.000 дози вакцини на Астразенека ќе бидат наменети за возрасните, односно приоритет ќе бидат граѓаните над 70 години, како и граѓаните чии поради нивните професии се први на удар на вирусот.

И покрај големиот притисок што го трпи компанијата АстраЗенека во однос на својот производ, д-р Караџовски, како и претходно министерот за здравство, Венко Филипче уверуваат дека вакцината е безбедна за граѓаните и ефикасна против корона вирусот.

Дел од земјите во Европа ја стопираа вакцинацијата со АстраЗенека по неколку пријавени случаи кои завршија фатално. Истрагата засега покажува дека нема поврзаност на вакцината со направените компликации, но Данска на пример, имунизацијата со вакцината на британско-шведскиот производител ја одложи уште за две недели.

Во текот на утрешниот ден се очекува министерот да ги соопшти сите детали околу тоа дали првите 24.000 дози ќе останат да бидат дистрибуирани само во вакциналните пунктови во Скопје или пак дел ќе биде распределен и по другите градови и секако дали дефинитивно во среда ќе почне вакцинацијата со АстраЗенека.

Како што претходно најавија македонските здравствени власти, во текот на април се очекуваат поголеми пратки вакцини од Синофарм, како и од руската Спутник V, со што во земјава конечно ќе започне масовната вакцинација против корона вирусот.

Во меѓувреме, во очекување да пристигнат првите вакцини, голем дел од граѓаните се вакцинираат во соседна Србија, а во текот на овој викенд хала 3 во белградкиот Саем е преполна со илјадници граѓани, не само од Македонија, туку и од БиХ, Црна Гора, па дури и од Хрватска.

А.Б. 


Слично

Поврзани вести