Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ ЌЕ СЕ ОМРСИ СО ПОВИСОКИ ПЛАТИ ВО 2022: Вработените во ОТА ќе стигнат до нето од 74 илјади, во Уставен до 70, а во ЈО 43 илјади денари

КОЈ ЌЕ СЕ ОМРСИ СО ПОВИСОКИ ПЛАТИ ВО 2022: Вработените во ОТА ќе стигнат до нето од 74 илјади, во Уставен до 70, а во ЈО 43 илјади денари

На својата пресконференција за презентирање на Буџетот за идната година, министерот за финансии Фатмир Бесими објави дека во 2021 година е предвидено зголемување на платите на платите за судиите и за обвинителите од 15 проценти.

Предлог буџетот за идната година веќе стигна во Собранието.

Во него за секоја од правосудните институции е поединечно презентирано, меѓу другото, колку ќе изнесува просечната бруто плата по вработен во судовите, како и во Јавното обвинителство.

Врз оснива на анализа на просечните бруто плати по вработен, Фактор со помош на сметководствени експерти направи пресметки колку ќе изнесуваат просечните нето плати по вработен во тие институции.

Тие пресметки се прават кога од бруто платата ќе се одземат придонесите и персоналниот данок, кои ја даваат просечната нето плата по вработен во таа институција.

Направивме пресметки и за тоа колку ќе изнесува растот или намалувањето на платите и во неколку други институции кои се битни за борбата против криминалот, но и за безбедноста на државата.

И сега земаат големи плати, но идната година тие плати ќе им бидат уште повеќе зголемени. Ова се однесува за вработените во Оперативно техничката агенција ОТА, чија главна улога е да обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.

Во ОТА и годинава, а и за в година, е предвидено да има 26 вработени.

Просечната бруто плата по вработен оваа година во ОТА изнесувала 101.683 денари, а за идната година е предвидено тој просек да се зголеми на 113.462 денари.

Ако се направат потребните пресметки, тие покажуваат дека 26-те вработени во ОТА идната година ќе имаат просечна нето плата од одлични 74.356 денари. Се разбира, ова е просек, што значи дека оние кои се на повисоки позиции, земаат уште подобри плати од овој просек.

Ова е веројатно и заради големата доверба што треба да се има во овој кадар, бидејќи тие со следење на комуникациите доаѓаат до многу сензитивни сознанија, за кои е битно да останат во тајност.

Ако се гледа каде од судските инстанци ќе има најголемо зголемување на платата, но и каде се делат највисоките плати, тоа е дефинитивно Уставниот суд на државата.

Во Уставниот суд просечната бруто плата по вработен годинава изнесувала 84.676 денари, а идната година таа ќе се зголеми на 106.667 денари.

Кога ќе се направат пресметките, пак, се гледа дека идната година уставните судии и другите вработени во Уставниот суд, во просек ќе земаат месечна нето плата од 70.000 денари.

Во Уставниот суд оваа година се вработени 36 лица, а исто толкав ќе биде и нивниот број во идната година.

Уставниот суд е орган на државата кој ја штити уставноста и законитоста, одлучува за усогласеност на законите со Уставот, ги штити човековите права и слободи, решава за судир на надлежности меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт, одлучува за одговорноста на Претседателот на Републиката и други прашања утврдени со Уставот.

Една од институциите што е најбитна за гонење на криминалот во земјава, е Јавното обвинителство.

Тоа е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Иако постојано се жалат дека немаат доволно кадар, за идната година не е предвидено зголемување на бројот на вработените во Јавното обвинителство, односно тие за 2022 година е предвидено да бидат 549, исто колку што се и оваа година, со тоа што во однос на лани, бројот на обвинители или други вработени во таа институција се зголемил за 15 лица.

Во Јавното обвинителство просечната бруто плата по вработен оваа година изнесувала 58.463 денари, додека, пак, за идната година тој просек се зголемува на 65.519 години.

По направените математики, пак, излегува дека просечната нето плата по вработен идната година во ЈО ќе изнесува 43.289 денари, што и не е така висок и мотивирачки износ за луѓето што „си ја ставаат главата во торба“ гонејќи го криминалот, а и дотолклу повеќе што овде се работи за просек, па таму има и многу пониски палти. Особено овој износ не делува убаво ако се има предвид колкави плати се земаа во поранешното Специјално обвинителство, а познато е како заврши таа институција.

Во Државниот завод за ревизија идната година нема да има нови вработувања, односно бројот на вработени во таа институција ќе остане 113 лица, но затоа ќе има значајно зголемување на платите.

Ако оваа година просечната бруто плата по вработен во ДЗР изнесувала 67.572 денари, за идната година е предвидено таа да се зголеми на 79.853 денари.

Пресметките говорат, пак, дека просечната нето плата по вработен во ДЗР во идната година ќе биде на ниво од 52.577 денари.

Државниот завод за ревизија е независна Врховна ревизорска институција во земјава, која има за цел навремено и објективно да го информира Собранието на РСМ, Владата и другите носители на јавни функции и јавноста за утврдените состојби од спроведените ревизии. Преку јасните и ефективни препораки ДЗР обезбедува поддршка на државните и другите институции во унапредување на управувањето со јавните средства и придонесува за поголема отчетност на трошењето на јавните средства/средствата на даночните обврзници, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на земјава, преку испорака на услуги со почитување на принципите на сигурност.

Едни од пониските плати и идната година ќе земаат вработените во Судскиот совет, иако и кај нив има извесно зголемување. Според пресметките, просечната нето плата по вработен таму ќе изнесува 34.347 денари.

А, има и една многу значајна институција, каде што за идната година се планира намалување на просечната бруто плата по вработен. Станува збор за Антикорупциската комисија.

Таму идната година ќе има зголемување на бројот на вработените, од 41 годинава на 55 идната година, но платите ќе се намалат.

Или, просечната бруто плата по вработен годинава била 60.933 денари, а идната година ќе биде 55.536 денари.

Ако се направат пресметки, тие говорат дека вработените во ДКСК идната година ќе земаат по 36.820 денари по вработен.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести