КОЈ ЌЕ МУ КОНКУРИРА НА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ - лидерот ги повика да се пријават сите што исполнуваат услови
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ја коментира најавата на премиерот Зоран Заев дека во вторник и официјално ќе поднесе оставка.
Според него, премиерот често ги менува ставовите и секој коментар во овој момент не би имал некакво значење. За тоа кој ќе го наследи, Мицкоски вели дека е работа за која треба да си одлучи СДСМ.
Во пресрет на најавениот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кој е закажан за 12 декември во Скопје, Мицкоски упати апел до сите заинтересирани кандидати да се пријават на повикот и да му се спротивстават во трката за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој оној кој ги исполнува условите согласно Статутот јас го охрабрувам да се пријави. Ќе видиме во периодот што следи колкава ќе биде бројката на пријавени лица за потенцијален претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Конгресот ќе биде на 12 декември во спортскиот центар ’Јане Сандански‘ во Скопје и ја повикувам јавноста да го следи процесот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
