Кој ќе му го мери рејтингот на Шилегов за 14.000 евра?
Скопскиот градоначалник преку анкети на граѓани ќе добива фидбек за политиките кои ги води новата градска администрација, а за таа цел ќе биде ангажирана агенција која ќе добие 14.000 евра за истражувањњето.
Во огласот е наведено дека се бара субјект кој ќе изврши осум квантитативни истражувања на пазарот, преку кои ќе се обезбедат резултати за јавното мислење во однос на градските политики.
Се бара тие да бидат направени на репрезентативен примерок од најмалку 1000 испитаници на територија на Град Скопје. Истражувањата треба да се спроведат во рок од една година.
„Цел на истражувањето на пазарот е да го истражи мислењето на граѓаните на Град Скопје во однос на градските проблеми и политики, како и да овозможи квантитативно толкување низ одредена временска рамка”, стои во објавениот оглас.
Обврска на избраниот субјект ќе биде истражувањето да го направи во рок од една година, да спроведе осум телефонски истражувања на стратифициран примерок со минимум 1000 испитаници, репрезентативен за жителите на Град Скопје на возраст над 18 години. Прашањата кои ќе им бидат поставувани на анкетираните, ќе бидат изработени од страна на градските служби.
Инаку, изминатиов викенд скопскиот градоначалник даде отчет за сработеното во првите 100 дена откако е на чело на главниот град. Меѓудругото, набројувајќи ги започнатите проекти, оцени дека првите 100 дена новата градска власт работела посветено, одговорно и чесно, следејќи ги потребите и интересите на граѓаните на Скопје.
