Кој ќе ја води Финасиската полиција која беше опомената од СЈО?
Со одлука на Владата на Република Македонија за вршител на должноста директор на Управата за Финансиска полиција, орган во состав на Министерството за Финансии, се именува Арифат Муареми. Станува збор за кадар предложен од албанските коалициони партнери чија професионална биографија е доста скромна и познато е само дека дипломирал на Универзитетот во Тетово.

Сепак, со назначувањето на нов директор на Финансиската полиција се очекува да се зголеми притисокот врз оваа институција целосно да ги преземе сите активности за истраги за финансиски криминал согласно нивните надлежности и овластувања бидејќи е значајна алка од истражниот процес како и од кривично-правниот прогон.
Да потсетиме дека Финанската полиција имаше јавен спор со Специјалното јавно обвинителство откако на тимот на Катица Јанева му беше одбиено доделување на истражител што е спротивно на Законот за кривична постапка при што наредба на обвинител мора да се почитува.

Тогаш СЈО најави дека може да поведе и постапка против екс директорот Александар Тргачевски кој пак тврдеше дека Финансиската полиција целосно ја поддржува нивната работа, но едноставно немале веќе доволно кадар на располагање бидејќи и самите тие водат свои предмети со доста сериозна содржина.
Јавноста сега од Финанската полиција ќе очекува многу поголема ажурност, самоиницијативност и ригорозност во работењето бидејќи борбата против криминалот и корупцијата мора да се засили и да биде вратена високо на агендата.
Автор: Христијан Станоевиќ
