КОЈ ЌЕ ЈА ДОБИЕ ДОВЕРБАТА: СДСМ како и ВМРО ДПМНЕ бара кандидат за претседател преку оглас
Владечката СДСМ објави оглас со кој бара кандидат за претседател на државата, кој ќе се спротивстави на огласот на избраниот кандидат на опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Во отворениот јавен повик на СДСМ за „самокандидирање“ кандидат за претстојните избори за претседател на Македонија се поставени четири критериуми кои кандидатите треба да ги исполнат, меѓу кои е и тој да „биде способен за извршување високи државнички функции“.
Од идниот претседателски кандидат на СДСМ се бара и да ужива доверба кај членството и симпатизерите на партијата, да биде личност која на најдобар начин ќе ја отелотвори политиката на СДСМ и ќе работи на остварување стратешки приоритети за Македонија - членството во ЕУ и НАТО.
Рокот за поднесување на кандидатури е 19 февруари, а претседателскиот кандидат на СДСМ, како што е претходно најавено, ќе биде избран на конгресот на 3 март.
Во јавноста неофицијално за кандидати од редовите на СДСМ се сомнуваат имињата на двајца високи партиски функциониери - министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Исто така се спомнуваат и Никола Димитров и Стево Пендаровски.
Првиот круг на претседателски избори е планиран за крајот на април и вториот круг, ако биде потребен , за почетокот на мај. Џафери пак, најави дека избори ќе распише најдоцна до 8 февруари.
На јавниот повик за кандидати на ВМРО ДПМНЕ за претседател на Македонија кој таа партија го објави на 4 јануари, според информации во медиумите, се јавија осум кандидати, а конечната одлука ќе биде донесена на партиската конфенција следната недела, односно 16 февруари.
И.С.
