Кој ќе директорува со Управата за извршување на санкции по разрешувањето на Спасовски?
Владата на 120-та седница за ВД директор на Управата за извршување на санкции, го именуваше Јовица Стојановиќ. Toj ќе раководи со институцијата до избор на нов директор.
Стојановиќ е именуван за ВД директор на Управата за извршување на санкциите, откако на вчерашната владина седница е разрешен директорот на Управата, Марјан Спасовски.
„Владата го прифати и предлогот на Министерот за правда, да се распише јавен оглас за именување нов директор на Управата за извршување на санкции, како што е образложено, согласно член 27, став (2) од Законот за извршување на санкции“, соопштија од Владата.
Спасовски е разрешен откако се случи филмско бегство од затвор. Затвореник кого полицајците го носеле во болница успеа да избега и сега полицијата го бара со потерница. Паднаа суспензии и ќе има одговорност за случајот.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека не е задоволен од работата на Спасовски.
Избеганиот Беким Мемети е осуден на долгогодишна затворска казна поради убиство.
Тој е осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната затвор ја издржува од 28 декември 2020 година, а истекува на 17 април 2040 година.
