КОЈ ИМА ПРАВО ДА СЕ ВАКЦИНИРА ВО ПРВАТА ГРУПА ОД КОВИД-БОЛНИЦИТЕ: На голем ризик се и немедицински лица, директорот на „8 Септември“ Костов за Фактор
Во тек е
вакцинацијата на здравствените работници, клиничари кои работат во сите
ковид-центри низ Македонија, но веќе постои дилема кој смее да биде вакциниран
во првата група.
Во болниците каде се лекуваат пациентите болни од ковид, стигнуваат анкетни листови од Министерството за здравство каде вработените се изјаснуваат дека работат во Ковид-центар и дека сакаат да се вакцинираат. Дел од вработените во ГОБ „8 Септември“ во разговор за Фактор појаснуваат дека дури и оние кои не се дел од медицинскиот персонал, но кои поради природата на нивните обврски секојдневно се во контакт со заразените пациенти велат дека се изложени на голем ризик од инфекција со вирусот и во анкетните листови наведуваат дека сакаат да се вакцинираат. Истовремено потенцираат дека категоризацијата на тоа кој ќе биде вакциниран во првата, втрата или третата група не ја прави болницата, туку пополнетите анкетни листови се праќаат во Министерството за здравство и потоа оние вработени кои се изјасниле дека сакаат да се вакцинираат се повикуваат за вакцинација
Во изјава за Фактор, директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р. Христијан Костов, вели дека навистина е вакциниран немедицински персонал од овој Ковид-центар, но изнесе детали за актуелното прашање кој има право да се вакцинира во првата група.
-Околу целава ситуација постои една дилема. На пример, во ГОБ „8 Септември“, има одреден број администратори кои во инфективните амбуланти, каде секојдневно доаѓаат стотици пациенти, буквално се меѓу нив, воспоставуваат ред да нема турканици, им мерат температура, ги земаат нивните документи, ги спроведуваат каде што треба. Секако дека ќе речат дека се изложени на ризик од инфекција, кога навистина е така и секако дека сакаат да се вакцинираат. Но, верувајте, тоа што ви кажале дека списоците за кој ќе влезе во првата група дека не се прават во болницата е точно. Анкетните листови само се враќаат назад во Министерството. Исто така, вработениот информатичар е човек кој постојано е во ковид-центарот и кој постојано ги сервисира компјутерите кои се неопходни за пациентите. Така што навистина и немедицинскиот персонал во установи каде се лекуваат огромен број пациенти заразени со вирусот е на голем ризик од инфекција, истакнува директорот Костов во неговата изјава.
Истовремено посочува дека во болницата веќе подолго време нема пациенти со полесна клиничка слика, напротив, како вели, секојднево по 5-6 пациенти ги носат во ГОБ „8 Септември“ со исклучително тешка клиничка слика.
-Доаѓаат, односно ги носат од други градови во земјава. Овие пациенти биле хоспитализирани во тамошните болници, но по влошена состојба ги носат тука. Сите се со коморбидитети, има пациенти кои се и на дијализа, со срцева слабост, со бубрежна слабост, пациенти со навистина големи компликации. Тука најчесто стигаат со сатурација 50-60. Во моментов се хоспитализирани над 80 пациенти, и можам да кажам дека вработените, и медицински и немедицински персонал, еве цела година како ќе помине, изгинаа во трката со лекувањето, третманот и спасувањето животи, потенцира Костов.
Инаку, околу приоритетните групи за вакцинација, пред неколку дена големи реакции имаше за ковид-болницата во Охрид од каде што се вакцинирал секретарот, по што вчера беше разрешен од директорот на охридската болница.
Анита Буховски