Кој и што може да го спаси Груевски од притвор?
Фактот што првиот човек на ВМРО ДПМНЕ во моментов е пратеник го штити од притвор.
Никола Груевски како пратеник во Парламентот ужива имунитет кој може да му биде одземен од Комисијата за мандатно - имунитетни прашања.
Ако Кривичниот суд денес направи пресврт во досегашната пракса на селективна правда и му одреди мерка притвор на екс премиерот тогаш треба да побара дозвола од Собранието.
Според Уставот, пратеникот ужива имунитет и не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.
“Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник“, стои во Уставот.
Во собранискиот Деловник пишува дека барањето за одобрување на притвор на пратеник, како и известувањето дека пратеникот е притворен, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.
Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
Подетално што значи имунитетот?
Пратениците во Република Македонија уживаат имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на нивниот мандат. Согласно со Уставот, пратениците уживаат два вида имунитет: неодговорност на пратеникот (материјален или суштински имунитет) и неповредливост на пратеникот (процедурален имунитет). Заедно, овие два вида имунитет ја обезбедуваат слободата на пратеникот во вршењето на пратеничката функција и независноста на претставничкото тело во вршењето на законодавната власт.
Неодговорноста на пратеникот значи неможност пратеникот да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење, или за гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела. На таков начин, материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот, но не го штити пратеникот од одговорност за искажано мислење надвор од седниците на Собранието или на неговите работни тела. Така, на пример, пратеникот нема да одговара, ако навреди друг пратеник или граѓанин во собраниската дебата, но ќе одговара за навреда што ја сторил надвор од Собранието. Овој вид имунитет не може да биде предмет на расправа за одземање и важи и по престанокот на мандатот на пратеникот. Материјалниот имунитет не ја исклучува ниту должноста на пратеникот да го почитува Деловникот на Собранието. Претседателот на Собранието има право да го отстрани пратеникот од седницата, кога и покрај опомената или одземањето на зборот, тој и понатаму го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието.
Неповредливоста на пратеникот (процедурален имунитет) се однесува на кривичните дела сторени надвор од претставничкото тело. Овој вид имунитет не значи дека против пратеникот не може да биде покрената постапка за утврдување на кривична одговорност, или пак дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело. Процедуралниот имунитет значи неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Во првиот случај, надлежниот орган поднесува барање до претседателот на Собранието за одобрување притвор на пратеник.
Во вториот
случај, надлежниот орган го известува
претседателот на Собранието дека пратеникот
е притворен затоа што е затечен во вршење на
кривично дело за кое е пропишана казна затвор
во траење од најмалку пет години. Надлежниот
орган го известува претседателот на
Собранието за притворот на пратеникот дури и
кога тој не се повикал на својот имунитет.
Претседателот на Собранието, барањето за
одобрување притвор, односно известувањето
дека пратеникот е притворен веднаш го
доставува до Комисијата за деловнички и
мандатно-имунитетни прашања, која е должна
да го разгледа барањето, односно
известувањето и во рок од два дена да достави
извештај до претседателот на Собранието. За
седницата на Комисијата се известува и
пратеникот на кој се однесува барањето. Врз
основа на извештајот на Комисијата,
Собранието најдоцна во рок од три дена
одлучува дали ќе даде одобрение за притвор на
пратеникот.
Ако Собранието не одобри притвор, пратеникот
ќе биде веднаш пуштен на слобода, дури и ако
пратеникот не се повикал на имунитет.
Како што е познато лидерот на ВМРО ДПМНЕ е обвинет во четири случаи кои ги покрена специјалното јавно обвинителство и кое побара мерка притвор за Груевски.
