Кој го пречека Груевски во Истанбул?
Премиер, пратеник или лидер на партија? Груевски во Истанбул пречекан како државник
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се појави на продолжението на конститутивната седница на Собранието. Во законодавниот дом ги испрати неговите пратеници, а тој отпатува за Малта.
Но, неговото патување не беше најавено од партијата, туку случајно беше „уловен“ на аеродромот „Кемал Ататурк“ во Истанбул од екипата на 360 степени.
Откако стана јасно дека пратеникот Груевски се наоѓа надвор од Македонија, неговата партија мораше да ја објасни целта на неговото патување.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски е во работен престој на Малта и заедно со партиска делегација ќе учествува на конгрес на Европската Народна Партија каде присутни ќе бидат функционерите од политичкиот естаблишмент на Европската Унија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Груевски во Малта замина два дена пред Конгресот на Европската Народна партија. На аеродромот во Истанбул беше пречекан лично од амбасадорот на Македонија во Анкара, Звонко Муцунски. Груевски беше придружуван со членови на партиската делегација и на државното обезбедување кое му следува како поранешен премиер.
Кој му наложил на амбасадорот Муцунски да пречека партиска делегација во Турција, нема одговор. Муцунски објасни дека од Анкара отпатувал во Истанбул поради деловни обврски. Тој сепак беше во улога на домаќин на Груевски и неговата придружба и им помогна да се префрлат од еден во друг авион.
За СДСМ патот во Малта е бегство на Груевски кога треба да биде избран претседател на Собранието.
„Уште еднаш докажа дека не го интересира државата, туку единствено му е важно да избега од одговорност. Откако со недели внесуваше раздор и поделби, откако ги попречуваше демократските промени, Груевски на крајот, не можејќи да се помири со новата реалност реши да избега од државата.“, велат од СДСМ.
Кој го пречека Груевски во Малта останува енигма. Но, она што е познато е дека Никола Груевски го нема на официјалната листата на поканети гости на Конгресот на Европската Народна партија. Настанот ќе се одржи на 29 и 30 март, а на листата поканети гости е Емил Димитриев.
Дел од медиумите објавија дека Груевски наредните денови требало да се појави на распит во Специјалното јавно обвинителство, како осомничен во проширената истрага на СЈО за изборни нерегуларности за случајот „Титаник“.
Ј.М.
