Кој го плати скапиот концерт на Дино уште ги „скокотка“ граѓаните
Веќе е расчистено дека балканската мега ѕвезда Дино Мерлин им приреди висински спектакл на скопјани, но и многумина кои дојдоа од другите градови на земјава, како и од соседните држави, за да уживаат во неговите хитови. Проценките говорат дека песните на Дино привлекле дури 60 илјади луѓе, а и да не е така, снимките говорат за огромна посетеност на централниот скопски плоштад.
Претходно, Град Скопје најави дека за Мерлин нема да платат ниту еден денар, а неговиот хонорар ќе биде платен само преку спонзорите.
Сепак, неговиот хонорар и натаму „скокотка“ многумина. Тој тежи цели 100.000 евра, а градоначалникот Петре Шилегов се уште не ги откри дарежливите спонозори што решиле да одвојат толку многу пари за да го финансираат неговиот концерт.
Се направија и споредби со хонорарите за настапите на другите регионални ѕвезди, кои според медиумите во регионот, се пониски од оној на Дино.
Граѓанската љубопитност можеби ќе биде задоволена кога ќе се обелоденат имињата на добрите спонзори, дотолку повеќе што сумата навистина е респектабилна.
Love you Скопје мое ... Со овие зборови скопскиот градоначалник Петре Шилегов, преку својот фејсбук профил, го изрази задоволството од спектакуларниот концерт на мега ѕвездата Дино Мерлин во главниот град на земјава.
Неколку часа пред концертот, градоначалникот Шилегов објави и фотографија со Дино Мерлин, потецирајќи дека се прават последните подготовки.
