Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој го мерка лидерското место на Никола Груевски?

Кој го мерка лидерското место на Никола Груевски?

По 14. години неприкосновена удобност во лидерската фотелја, за прв пат се ниша позицијата на Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. По вчерашното стапување на функцијата на новиот спикер од ДУИ, Талат Џафери, на местото на Трајко Вељаноски, членството отворено се заврти против раководството и пратениците. На официјалниот Фејсбук профил на Груевски, но и на пратениците и организатори на протестите на „Иницијативата за заедничка Македонија“, членството им пишуваше пораки или да делуваат или да си поднесат оставки.

„Ајде покажете заби, не го оставајте народот на цедило. Или повлечете се од партијата, нека ја водат луѓе без страв и спремни за саможртва“. 

„Поднесете си оставки веднаш!“

„ВМРО го предаде народот!“

„И што сега? Само на Фејсбук ќе се жалите? Или реагирајте и повикајте го членството и симпатизерите на отпор или замолчете и не ги поттикнувајте луѓето на своеглави акции“.

Имаше и пораки за поддршка, но најголем беа оние како споменатите, во кои се бара оставка од Груевски и останатите 50 пратеници во Парламентот. 

Според информациите кои доаѓаат од врхушката на партијата, Никола Груевски им соопштил на сопартијците дека заминуваат во опозиција. Со тоа е доведена во прашање и неговата лидерска позиција на ВМРО-ДПМНЕ на која застана во мај 2003 година.

Кои се имињата со кои се лицитира како можни наследници?

Никола Груевски пред две години по четврти пат беше избран за претседател на партијата. Доби нов четиригодишен мандат, а досега само во 2003 година имаше противкандидат, кога му беше Марјан Ѓорчев. Оттогаш немаше „јунак“, кој ќе влезеше во битка за да му го заземе тронот на лидерот. Но, сега работите се сменети и ако Груевски ја загуби политичката моќ и замине во опозиција, тогаш многу полесно оние што ја пикирале претседателската позиција, ќе можат да го срушат и од чело на партијата. 

Дали Груевски ќе го истера мандатот до 2019 година или со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, ќе се смени и челната позиција?

Во јавноста кружат неколку можни наследници на Груевски. Влатко Ѓорчев, Никола Тодоров, а од неодамна и Христијан Мицковски. 

Влатко Ѓорчев

Со најдолго политичко искуство меѓу овие тројца е пратеникот Влатко Ѓорчев, кој веќе 11 години е дел од Парламентот и носител на листа на изминатите неколку парламентарни изборни циклуси. Ѓорчев важи за лојален соработник на Груевски, но за разлика од другите негови блиски луѓе, Ѓорчев не го слушнавме во „бомбите“ на СДСМ, ниту пак за него имало некаква финансиска афера во јавноста. Влатко Ѓорчев се најде меѓу чеканот и наковалната за време на насилите протести во Собранието минатата недела, кога застана во одбрана на пратениците од СДСМ, за што доби и признание од самиот Зоран Заев, но другиот ден неговата партија му даде наредба да одржи прес на кој тој зборуваше зошто бил предизвикан гневот на демонстрантите кои влегоа во Собранието. 

Никола Тодоров

Актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров, со доаѓањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ најпрво беше назначен за директор на скопскиот Катастар, а во 2009 беше именуван за министер за образование. Таму остана до 2011 година и оттогаш досега е на чело на Министерството за здравство. Тодоров не се прослави многу како министер, иако сакаше секогаш да се покаже како реформатор и човек кој се залага за подобри здравствени услуги. Од сите гревови најголем товар на грбот засекогаш ќе му биде смртта на малата Тамара од Велес. И за него засега нема индиции дека е дел од криминални активности кои произлегуваат од прислушуваните разговори, но во неговата биографија останува забележан „неетичкиот“ милионски договор со фирмата „Висарис“ на мајката на новинарката Ивона Талевска од Сител.

Христијан Мицковски 

Дипломираниот машински инженер стана член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година. Професорот Мицковски, кој беше советник за енергетски прашања на претседателот на Владата, лани во септември беше именуван за директор на државната компанија ЕЛЕМ. Од овие тројца, Мицковски е најмалку експониран лик во јавноста, но не е непознат меѓу потесното членство и раководството. Тој дури беше споменуван и како можен премиер по изборите во декември.

Никола Попоски 

Како еден од најможните наследници на Никола Груевски се споменува Никола Попоски. И по Никола, Никола. Актуелниот министер за надворешни работи кој на фукцијата беше именуван во 2011 година, важи за проевровски модерен политичар. Нема дамка во кариерата додека беше во извршната власт, но нема резултати во однос на европските аспирации на Македонија. Попоски веќе подолго време е на удар на Синдикатот на македонската дипломатска служба чии членови најавија дека ќе поведат и кривична постапка против него за лажно претставување како министер во интервју за италијанскиот весник „Ла верита“ дадено во јануари годинава. Попоски во истото интервју говореше со вокабуларот на неговиот лидер Груевски за улогата на СОРОС и Фондацијата отворено општество, за која рече дека со финансирање на граѓанскиот сектор, прави притисоци и дестабилизација на државата.

Ј.М.

Слично

Поврзани вести