Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ ГО ИЗНЕВЕРИ ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ - само малку од „заспаните“ се разбудија, „левите“ отидоа десно, Албанците на ДУИ не испорачаа

КОЈ ГО ИЗНЕВЕРИ ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ - само малку од „заспаните“ се разбудија, „левите“ отидоа десно, Албанците на ДУИ не испорачаа

Данела Арсовска е новиот градоначалник на Градот Скопје и првата жена во историјата на независна Македонија која по 30 години ја добива шансата да раководи со метрополата. Таа на вториот круг од овие локални избори освои 118.749 гласови, што е за 28.077 гласови повеќе од нејзиниот противкандидат од СДСМ.

Кога после првиот круг од изборите Данела Арсовска водеше пред Шилегов со околу 8.000 гласа, сегашниот градоначалник Шилегов изјави дека очекува победа во вториот круг, бидејќи, како што рече, има поголем коалиционен капацитет од Арсовска.

Лидерот на СДСМ во оставка, пак, Зоран Заев, тогаш изјави дека очекувањата се дека гласачите на СДСМ кои решија да останат дома, во вториот круг ќе бидат мотивирани да излезат да гласаат, бидејќи во спротивно тој ќе се повлече од функциитеи во Владата и во партијата. Дополни и дека од СДСМ ја примиле пораката за незадоволството на гласачите.

Но, се покажа дека Арсовска неколкукратно ја зголеми разликата на своето водство, доведувајќи ја до над 28.000 гласа повеќе на нејзиното конто.

Фактор анализира преку резултатите од гласањето во градот Скопје и во десетте скопски општини во вториот круг, дали СДСМ успеа меѓу двата круга да врати дел од „заспаните“ гласачи, и дали помогна коалициониот партнер ДУИ во оние општини каде што поддршката на нивното гласачко тело му била потребна на Шилегов.

Тоа покажува дека социјалдемократите успеале да убедат во вториот круг да излезат на гласање неколку илјади граѓани повеќе во споредба со првиот круг, но многу повеќе граѓани успеале да привлечат и да гласаат за нив од ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали тоа се оние кои претходно не гласале или гласале за некој од другите кандидати.

Или, гласачите кои го заокружиле редниот број на Арсовска се зголемени за дури 32.051 гласач, односно од 86.698 на дури 118.749 гласови.

Додека, пак, кај Шилегов бројот на гласачи кои за него го дале својорт глас, во вториот круг е зголемен за 11.889 гласачи во однос на изборното соочување во првиот круг.

Кога се анализираат етнички македонските општини, се добива истиот овој впечаток, а тоа е дека за ВМРО-ДПМНЕ биле мотивирани да излезат на гласање многу повеќе граѓани, иако има зголемување и на гласачите на СДСМ, но тоа е помало од растот кај ВМРО-ДПМНЕ.

За општините со етничко албанскло население, пак, може да се заклучи дека тие навистина гласале повеќе за Шилегов во однос на првиот круг, но далеку помалку од очекувањата на СДСМ од нивните коалициони партнери.

Како тоа изгледаше по скопските општини, покажуваат следниве резултати.

Во Аеродром, каде гласањето за градоначалник на таа општина беше завршено, бидејќи Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ ја извојува победата уште во првиот круг, во вториот круг за Петре Шилегов гласале 10.981 граѓанин, што е за безмалку две илјади гласачи повеќе од оние што за него го дале својот глас на првото изборно соочување.

Но затоа, вмровците, пак, или нивните симпатизери, биле многу помотивирани, па за Данела Арсовска во општина Аеродром гласале дури 20.981 избирач, што е за над 5.000 повеќе во однос на првиот круг.  

Во Кисела Вода, каде исто така ВМРО-ДПМНЕ го доби својот општински татко уште во првиот круг, Данела Арсовска има многу поголем раст на гласовите, иако извесно зголемување има и за Шилегов. Па така, за Шилегов во вториот круг неговиот број го заокружиле 8.109 нгласачи, што е нецели илјада граѓани повеќе, но затоа за Арсовска гласаче 17.549 граѓани, или има зголемување за повеќе од 4.000 граѓани во вториот, во однос на првиот изборен круг.

Во уште една скопска општина каде што ВМРО-ДПМНЕ славеше победа и го доби својот градоначалник уште во првиот круг, Гази Баба, е забележано намалување на бројот на гласачи за Петре Шилегов во вториот во однос на првиот круг, односно тој добил 8.119 гласа во првиот круг, за во вториот тој број да се симне на 7.785 избирачи, што значи намалување на 334 гласа. Затоа, пак, Данела Арсовска во Гази баба успеала да освои 18.771 глас во вториот груг, што е раст за над 4.000 граѓани кои за ВМРО-ДПМНЕ го дале својот глас во таа општина.

И во Ѓорче Петров ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалник уште на 17 октомври. Оние граѓани, пак, кои гласале за градоначалник на Скопје, многу повеќе биле расположени да и дадат поддршка на Арсовска, отколку на Шилегов. Ако тој во првиот круг таму освоил 6.030 гласачи, во вториот добил само за 250 гласови повеќе. Додека, Арсовска освоила 11.568 гласови таму во вториот круг, што е раст за близу три илјади гласа, или точно 2.842 гласачи.

Општините Карпош и Центар, и покрај тоа што во Карпош раководењето го презеде Стевче Јакимовски од ГРОМ, но со поддршка на вмровските гласови во вториот круг, покажуваат дека сепак таму се успеало повеќе да се „разбудат“ сдсмовските гласачи, но далеку од тоа дека нема раст на гласачите на Данерла Арсовска.

Па така во Карпош, Петре Шилегов во првиот круг има освоено 9.041 глас, додека во вториот тие се 12.981, што е раст на гласачите за него за безмалку 4.000 во однос на вториот круг. Но, за повеќе од тоа пораснале гласовите на Арсовска, односно таа има 15.704 гласа, што е за 4.800 гласа повеќе во однос на првото изборно соочување.

И во Центар има значајно зголемување на гласовите за Шилегов, за 3.300 гласа повеќе, или тој во вториот круг освоил 11.279 гласа. Арсовска сепак има позначајно зголемување на своето конто, или за над 3.500 гласачи повеќе во однос на првиот круг.

Во скопската општина Бутел, пак, кај Петре Шилегов има извесно намалување, под 6.493 во првиот круг, во вториот за него излегле да гласаат 5.800 бутелчани или близу 700 гласа помалку, но затоа, пак, Арсовска во вториот круг добила 1.500 гласа повеќе, освојувајќи 8.377 гласа.

Што се случи, пак, во општините со доминатно албанско етничко нселение, од каде се очекуваше дека токму ДУИ ќе треба да мобилизира дел од гласачите да го дадат својот глас за Шилегов, дотолку повеќе што во нив токму таа партија освои градоначалнички места.

Чаирчани покажале дека дел од нив сакале да му помогнат на Шилегов. Таму во вториот круг победи досегашниот градоначалник, Висар Ганиу, што значи дека граѓаните таму биле помотивирани да излезат да гласаат воопшто во вториот круг. Таму Шилегов освои во вториот круг 16.271 глас, што во однос на 12.631 глас во првиот круг, значи раст на бројот на гласовите за 3.640 гласа. Но, речиси сличен број повеќе жители на Чаир излгле и да гласаат за Данела Арсовска, односно 8.512, наспроти 5.118 глса во првиот круг, што е зголемување за 3.394 гласа.

Онаа општина која е можеби најразочарувачка за СДСМ е Сарај, токму општината од која лидерот на ДУИ Али Ахмети ги повика граѓаните да гласаат за Петре Шилегов, велејќи дека тој е човек без предрасуди во поглед на албанското прашање. Во таа општина треба да се има предвид и фактот дека кандидатот и досегашен градоначалник Блерим Беџети освои победа во таа општина уште во првиот круг, и тоа убедлива, што значи дека луѓето од Сарај не биле мотивирани да излезат и да гласаат за Петре Шилегов. Па така тој, од 8.450 гласа во првиот круг, се симнува на 7.549 гласа во вториот круг, што значи дека има намалување за 901 глас. Додека, пак, за Данела Арсовска исто така албанските коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ исто го намалиле гласањето, со тоа што кај неа загубата е помала и изнесува 307 гласа.

И, општина каде што исто така треба СДСМ да се чувствува многу изневерен е Шуто Оризари, каде свој кандидат имаа ЛДП, и тоа градоначалникот Курто Дудуш кој претходно беше од редовите на СДСМ,  а сега настапи под знамето на ЛДП. Таму Шилегов во првиот круг имал 3.773 гласа, за во вториот круг таа поддршка да се намали за 132 гласа, додека, пак во таа општина Данела Арсовска има огромен раст, од 1.687 на 4.000 гласа, или за дури 2.313 гласа.

Кога се ќе се собере на крајот, евидентно е дека опозицијата го “потрефи“ својот кандидат за главниот град, бидејќи со него успеа да апсорбира далеку повеќе гласови отколку што стандардно освојува на партиско ниво. Дали дел од нив се и оние на кои Шилегов сметаше пред изборното соочување, гласачи кои вообичаено даваат поддршка на левата опција. Но, и оние од доминатно албанските гласачки средини кои, според очекувањата во неговиот штаб не излегоа во толкава мерка доволна да му даде резултатски “буст“.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести