Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој ги донел прскалките во „Пулс“ на настапот на ДНК?

Кој ги донел прскалките во „Пулс“ на настапот на ДНК?

Групата ДНК ги набавувала прскалките од продавница во Кисела Вода. 

Естрадниот новинар Васко Спасовски во последните неколку години работел како пи-ар на групата ДНК. Тој комуницирал со медиумите во име на ДНК, договарал интервјуа и слично. Имале идеја со Панчо да отворат заедничка продукција и да соработуваат и со други уметници. Во денешното сведочење во рамки на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ тој тврдеше дека немал врска со организацијата на настапот на ДНК во Кочани.

Поради други обврски, Спасовски не бил кобната вечер на настапот на ДНК во Кочани. За пожарот дознал од другар, кој му испратил скриншот од кочански портал наутро во 4 часот.

„Во Кочани отидов утрото по пожарот, отидов да ги барам членовите на бендот. Го разбудив другарот, му реков за објавата и решивме да вртиме телефони. Прво му ѕвонев на Панчо, не ми креваше. Андреј беше од старт недостапен. Додека возев кон Кочани му ѕвонев и на гитаристот Горан Тонев, ни тој не ми одговори. Кога стигнавме пред болницата во Кочани почнавме да прашуваме дали знаат нешто за членовите на ДНК“, рече сведокот.

На прашањето дали се користела пиротехника на претходни настапи, Спасовски рече дека не обрнувал внимание на тоа, дека не го гледал тоа како нешто спектакуларно.

„Дури првите денови по трагедијата се расправав на социјалните мрежи дека пиротехниката не е на ДНК, дека е на организаторот. Кога почнав да прелистувам на нивниот профил на Инстаграм, видов дека и на други настапи, на повеќето, имале пиротехника. Инаку, се случувало на други концерти, на други изведувачи, самиот организатор да носи прскалки. Така сфатив дека најверојатно ДНК ги донеле прскалките“, рече тој.

Тој рече дека Денис Даутовски неколку месеци пред трагедијата ја прекинал соработката со ДНК, се преселил во Германија каде добил работа според неговото образование.

Тој потврди дека Денис ја имал улогата да ги активира прскалките додека соработувал со ДНК.

Обвинителот праша кој ја презел улогата на Денис со прскалките, на што сведокот рече дека претпоставува дека тоа бил Мартин Буцо, оти нема кој друг.

„Не можам да се сетам дека Денис ми има посочено дека тоа е Мартин, ова е моја претпоставка“, рече сведокот.

Во пожарот загинаа 63 луѓе, а околу 200 беа повредени. Трагедијата се случи лани на 16 март. За случајот, обвинети се 34 физички и 3 правни лица.

foto printskrin

Слично

Поврзани вести