Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВЧЕРА ВО СКОПЈЕ - се скараа скопската градоначалничка Арсовска и МВР

КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА СООБРАЌАЈНИОТ ХАОС ВЧЕРА ВО СКОПЈЕ - се скараа скопската градоначалничка Арсовска и МВР

Кој е виновен за сообраќајниот хаос што денеска се случуваше во главниот град на земјава. 

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска побара објаснување од Министерството за внатрешни работи.

„Да се исклучат семафори без најава со часови за да се направи сообраќаен хаос е крајно несериозно. Сообраќајот е ист како и други денови и нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје каде со часови патуваа до своите домови.
Градот Скопје ќе побара објаснување од МВР за причината за предизвикување на денешниот сообраќаен хаос“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.


На ова одговорија од МВР.

„Зачудува несериозноста на градоначалничката, која со невидена леснотија за проблеми кои се во нејзина надлежност се обидува вината да ја насочи кон МВР“, реагираа оттаму. 

Од МВР велат дека Арсовска ги дезинформира граѓаните преку социјалните мрежи.

„Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“, посочуваат од Министерството.

Од таму додаваат дека денешниот сообраќаен метеж во Скопје се должи на тоа што службите на градот не си ја завршиле работата, односно, како што велат, не можеле да се справат со ситуацијата.

„Објективно влијаеја и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните поради временските услови, а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за безбедност на сообраќајот на патиштата -Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен“, се наведува во реакцијата на МВР.

На ова уште еднаш реагираа од Град Скопје. Тие повторно бараат одговори за вчерашното исклучување на семафорите од страна на сообраќајната полиција која е под надлежност на МВР и предизвикување на сообраќаен хаос во градот.

„Јасни се надлежностите на Градот и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој служи исклучиво за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа. Град Скопје тоа нема да го дозволи и ќе бара одговори и одговорност“, велат од градот Скопје.

Слично

Поврзани вести