Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кој е ставот на МАНУ за платформата на Албанците и кризата?

Кој е ставот на МАНУ за платформата на Албанците и кризата?

Различни мислења имаат македонските академици за политичката криза во која се наоѓа Македонија и за платформата на Албанците. 

Тие денеска ги кажаа своите ставови по овие прашања и како состојбата да се надмине. 

Претседателот на МАНУ, Таки Фити изјави дека политичката криза придонесува за уназадување во сите облaсти во општеството. Според него, состојбата е премногу сериозна и тензична. 

„Неопходно е сите политички субјекти во земјава да разберат дека е потребна една мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири, кои можат комплетно да ја дестабилизираат земјата. Оттука е потребно, без одлагање, дебатите за клучните реформски приоритети и за прашањата за меѓуетничките односи, да се вратат и да се одвиваат во институциите на системот“- нагласи Фити.

Академик Митко Манџуков повика МАНУ да застане во одбрана на Македонија, затоа што со албанската платформа ѝ се заканува редефинирање, а барањето за двојазичност води кон нејзино уништување.

„Целосно уништување на Македонија или нејзино претворање во Албанија. Тоа е всушност проект за Голема Албанија, платформата е акт кој веднаш и безрезервно треба да биде отфрлен од страна на МАНУ како националистички и иридентистички акт во кој се чувствува експанзионистичкиот карактер на Призренската лига“- вели Манџуков.

Треба да се повлечат сите платформи, рече академик Катица Ќулавкова. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ манипулира со оваа платформа за да остане на власт.

„Целиот овој хистерично патриотски македонски дискурс којшто е реплика на платформата на албанските партии, во голема мера содржи елементи на една политичка тактика за дефокусирање на јавноста“- рече Ќулавкова.

Дописниот член на МАНУ, Изет Зекири е со спротивен став и тврди дека не постои Тиранска платформа.

„Тоа е една изјава на политичките партии со одредени прашања кои произлегуваат од програмите на тие партии, како што е употребата на јазиците, рамномерен регионален развој, правна држава, функционални институции“ - вели Зекири.

Академик Иван Кантарџиев бара пописот да биде земен за програмска определба на МАНУ, бидејќи скоро две децении нема пребројување на населението во земјава. 

Слично

Поврзани вести