КОЈ Е ПОРАНЕШНИОТ МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА - Антикорупциска бара да се гони кривично бидејќи преземал обврски надвор од буџетските пари
Антикорупциската комисија решила да поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против поранешен министер за култура, кој оваа функција ја извршувал од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година, поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Како што и е познато на јавноста, министер за култура во тој период беше Хусни Исмаили, сегашен пратеник во Собранието од редовите на Алтернатива, и претседател на Комисијата за труд и социјала.
Оваа одлука антикорупционерите ја донеле на денешната седница.
Инаку, овој предмет до Државната комисија за спречување на комисијата бил доставен од Министерството за култура, а по заклучок на седница на Влада одржана а 18 мај годинава. Од Министерството за култура било побарано да се изврши контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020 година.
Според членот на Антикорупциска, Владимир Георгиев, тие биле склучени во постизборен период, по одржани парламентарни избори, во услови кога не била формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
„По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 година за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми“, појасни Георгиев.
Според него, ова значи дека уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти, биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари, над буџетски обезбедените средства за 2020 година. Меѓутоа, и покрај тоа, знаејќи дека Министерството за култура за намената нема доволно средства, плус што и со ребалансот од 15 мај 2020 година поради рестрикциите заради ковид 19, буџетот на Министерството бил дополнително намален, одговорното лице дополнително потпишало 100 решенија, договори и анекс-договори на 24 јули 2020 година, со што презело нови обврски во износ од 33 милиони денари. Сите овие дополнителни договори склучени непосредно по завршување на изборите, вели Георгиев, се однесуваат по жалби на апликанти кои или не добиле средства, или добиле помалку, па со нови договори или решенија добиле други средства.
Според Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, сите овие сознанија упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што, вели таа, е забрането и казниво.
