КОЈ Е „НАЈГРДИОТ“ ГРАД НА БАЛКАНОТ? Reddit ја запали дебатата – еден град убедливо води, а ни за Скопје нема некои убави зборови
Дебата на социјалните мрежи повторно ја отвори темата за изгледот на балканските главни градови, откако на Reddit беше поставено провокативно прашање – која престолнина е „најгрдата“ и зошто.
Дискусијата, која се разви на форумот r/AskBalkans, предизвика стотици коментари од корисници од целиот регион. Иако мислењата беа различни, како „фаворити“ најчесто се споменуваа Подгорица и Скопје, додека критики не ги одминаа ни Белград и Атина.
Најмногу негативни оценки доби Подгорица, која дел од корисниците ја опишаа како „незанимлив град без препознатлив шарм“. Според нив, иако станува збор за главен град, таа повеќе делува како административен центар отколку како урбана и културна метропола.
Скопје, пак, се најде на мета поради контроверзните урбанистички решенија и големиот број споменици во централното подрачје. Дел од коментарите го опишуваат градот како „пренатрупан“ и „кичест“, но истовремено се издвојува Старата чаршија како еден од најавтентичните и највредни делови од градот.
Критики имаше и за Белград, најмногу поради доминацијата на бруталистичката архитектура, но многумина нагласуваат дека токму неговата енергија, ноќен живот и динамика го прават посебен.
За Атина, мислењата беа поделени – од една страна се истакнува нејзината историска вредност и уникатни пејзажи, а од друга страна се посочува на проблеми со урбаната запуштеност и загаденост.
Иако коментарите често беа остри, заклучокот е дека секој град има свои предности и недостатоци. Крајната оценка, сепак, останува субјективна и зависи од личниот вкус и искуство на посетителите.
Б92