Кој е Јован Деспотовски, новиот директор на ФИТР?
Јован Деспотовски од СДСМ е назначен за нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Деспотовски е дипломиран економист, долгогодишен член на раководството на СДСМ и еден од најблиските соработници на Радмила Шеќеринска со која работеше во Секретаријатот за европски прашања.
Тој пред да се формираше владата беше споменуван како кандидат за министер за транспорт и врски, но тоа место му припадна на Сугарески. Во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинувања за наводно доделување на европски пари на фирми на роднини на Шекеринска, но СДСМ ги негираше ваквите тврдења како неосновани.
Деспотовски ја замени Јасмина Поповска која ја предводеше новоформираната државна институција од 2013 година па наваму и во нејзиниот мандат беа реализирани четири повици за доделување на средства за стартап компании преку грантови со просечен буџет од околу половина милион евра годишно.
Фондот за иновации и технолошки развој на 25 јануари годинава ги додели признанијата на првите 9 стартап претпријатија кои според нив успешно ги завршиле проектите за кои добиле финансии. Претпријатија кои добија признанија се: Daris Inzenering, ХАС Инженеринг, DTK Smart-Tech, Clicon, Ебизнис ДООЕЛ (Embed Social) , Прајм Аппс ДОО, Vapour Apps, MARSI Elektrosistemi и Есенсо ДОО. Бројот на финансирани компании е поголем и од нив се чекаат резултати.
