Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЈ Е ЧОВЕКОТ ШТО ЌЕ ЈА ВОДИ КОМИСИЈАТА ЗА ИСТОРИСКИ ПРАШАЊА СО БУГАРИЈА? Професорот Ванчо Ѓорѓиев доаѓа на местото на Драги Ѓоргиев

КОЈ Е ЧОВЕКОТ ШТО ЌЕ ЈА ВОДИ КОМИСИЈАТА ЗА ИСТОРИСКИ ПРАШАЊА СО БУГАРИЈА? Професорот Ванчо Ѓорѓиев доаѓа на местото на Драги Ѓоргиев

Владата на затворена седница го назначила Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, за претседател на Комисијата за историски прашања со Бугарија.

Тој е роден на 19.04.1964 година во с. Ново Коњарево, Струмичко. Дипломирал на Институт за историја при филозофскиот факултет – Скопје (1989). Магистрирал на Филозофскиот факултет во Скопје на тема: „Петар Поп Арсов. Прилог кон македонското национално ослободително движење“. Докторирал во 2002 година на тема „Македонското револуционерно национално ослободително движење во Солунскиот вилает (1893-1903“. На Филозофскиот факулет во Скопје се вработил во 1992 година, како помлад асистент, во 1995 година е избран за асистент, во 2002 година е избран во доцент, во 2007 година за вонреден професор, а во 2012 за редовен професор.

Во меѓувреме во периодот 1996-2001 година, како надворешен соработник изведувал настава и на Воената академија „Генерал Михало Апостолски“. Во периодот 1999-2000 година бил потсекретар во Министерствто за образование на Република Македонија.

Како најдобар студент на генерацијата (1989) добитник е на „Манинговата награда“. Во 2004 година ја добива наградата „Гоце Делчев“ која се доделува како „општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македониа од областа на науката“. Добитник е на повеќе благодарници и пофалници од граѓански здруженија во земјава и странство, како и од летни школи.

Бил член на повеќе организациски и издавачки одбори за одбележување на значајни јубилеи, годишнини и други научни собири; претседател на комисијата за историја за наставни програми при Бирото за образование на Р. Македонија; претседател на комисијата за матурски испити при Државниот испитен центар; член и главен уредник на редакцијата на списанието „Историја“; член на редакцијата на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет – Скопје; член на мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија; раководител на Институт за историја во два мандати.

Аматерски се занимава со пчеларење и планинарење.

Истражувачи интереси:македонското револуционерно движење од крајот на XIX и почетокот на XX век; македонското прашање во политиката на балканските држави и големите сили; надворешните пропаганди во Македонија; економска и урбана историја.

Медимите вчера попладне објавија дека членови на Комисијата се и д-р Александар Литовски, научен соработник при Институтот за национална историја во Скопје, д-р Митко Панов, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје, Д-р Никола Минов, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје при УКИМ – Скопје, Доц. д-р Сашо Додевски, насловен доцент избран на Филозофскиот факултет во Скопје, Д-р Бесник Емини, виш научен соработник на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје и д-р Димитар Љоровски, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје

Проф. Ѓорѓиев доаѓа на местото на Драги Ѓоргиев, кој неколку години ја предводеше историската комисија.


Извор: УКИМ

Слично

Поврзани вести