Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кои се три најголемите македонски инвеститори? Во депозити, кеш, акции и обврзници чуваат 1,8 милијарди евра!

Кои се три најголемите македонски инвеститори? Во депозити, кеш, акции и обврзници чуваат 1,8 милијарди евра!

Над половина милион Македонци идни пензионери се инвеститорска велесила на нашиот пазар на капитал. Нивните пензиски заштеди организирани во три приватни задолжителни фондови изнесуваат вкупна нето вредност која на крајот на август годинава била поголема од 1,8 милијарди евра

Трите задолжителни пензиски фондови „Сава пензиско друштво“, „КБ Прво пензиско друштво“ и „Триглав пензиско друштво“ се најголемите македонски инвстициски фондови кои во депозити, кеш, домашни и странски акции и обврзници чуваат 1,802 милијарди евра пари односно пензиски заштеди на идните пензионери кои се членови на вториот задолжителен пензиски столб, покажуваат најновите податоци на државната Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Податоците на МАПАС се јавно достапни на нивната веб страница на следниот линк https://mapas.mk/izveshtai-i-statistika/statistika/

Број еден според нето средствата на своите членови е приватниот задолжителен пензиски фонд со кој управува КБ Прво пензиско друштво и тие на крај на август изнесуваат 917,6 милиони евра. 

Нивни најголем конкурент е „Сава пензиско друштво“ со речиси 812 милиони евра нето вредност. Овие два фонда се активни од почнувањето на македонската пензиска реформа пред повеќе од 12 години. Најмлад член на оваа инвеститорска групација е „Триглав пензиско друштво“ кое располага со 72,2 милиони евра, а е оформено пред неполни три години.

Споредбата на официјалните податоци покажува дека трите друштва заедно акумулирале 85 милиони евра во првите осум месеци година. Нето вредноста на средствата на трите задолжителни пензиски фонда на крај на 2021 година изнесува 1,717 милијарди евра.

Официјалните податоци на МАПАС покажуваат дека најголем дел од парите пензиските друштва чуваат во домашни државни обврзници и тоа е околу 60 отсто просечно од сите овие средства. Околу 25 отсто од средствата се чуваат во странски обврзници (во најголема мерка државни), а останатото е во домашни и странски акции, удели на инвестициски фондови, депозити и кеш.

Според официјалната евиденција во овие три фонда членуваат односно дел од пензиските придонеси вложуваат повеќе од половина милион вработени. Во овие осум месеци нивниот број е зголемен за 14.000 членови односно вработени лица.

Денеска е светскиот ден на пензиската свесност и повеќе информации за значењето и суштинат на оваа пензиска реформа  може да прочитате на http://www.mapas.gov.mk

Р. Ф.

Слично

Поврзани вести