Кои се реакциите на албанските партии за договорот за името?
Партиите на Албанците го поздравија договорот потпишан во Преспа. Од ДУИ велат дека договорот го реализира сонот за Македонија интегрирана во НАТО и ЕУ.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети го поздрави денешното потпишување на договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
„Го поздравувам денешното потпишување на долгоочекуваниот договор кој претставува исполнување на нашиот сон за целосно интегрирана Македонија во Европската унија и во НАТО. Работевме напорно и со голема посветеност да дојдеме до овој ден кога ќе се построиме на правилната страна на историјата“- се вели во соопштението од ДУИ.
Според Ахмети, ова е вистинската одлука за заедничката иднина и за доброто на сите наши граѓани.
Договорот за името го поддржа и опозициска Алијанса за Албанците.
Во соопштението на БЕСА се вели дека „иако, како Албанци сме можеле да направиме прецизирања на одредени места од договорот, кои се однесуваат на етничкиот и јазичниот идентитет во земјата, кога се има предвид дека овој договор е чекор за членство во НАТО и отпочнување преговори со ЕУ, можеби тоа треба да биде нашиот компромис“.