Кои се предностите да се живее во село на граница меѓу две или три општини?
Луѓето кои живеат или потекнуваат од рурална средина, велат дека да се живее во село на граница меѓу две или три општини носи многу предности. Тоа значи поголем избор за мештаните. Тие можат да работат, да пазаруваат, да се образуваат, да одат на лекар или да продаваат земјоделски производи и во двата града. Некои од овие села се лоцирани покрај регионалните патишта, со што и патувањето меѓу градовите им е олеснето.
„Пред сѐ од економски аспект е добро, затоа што она што го сработуваат по нивите можат да го пласираат и во двете општини. Црна Река им дава предност. Има училиште, има амбуланта, селото убаво се развива, луѓето си живеат од земјоделство. Има убава местоположба. И другите села околу се шират, на луѓето им е убаво да живеат таму. Луѓето од Тополчани одат на работа и во двата града. Тие се точно на пола пат. Исто и за пазарење, образование, и за посета на лекар одат и во двата града. Секој автобус што оди на релација Прилеп – Битола и обратно, ги зема патниците и за превоз немаат проблеми“, вели жена која поседува имот во селото Тополчани.
И селото Градско е меѓу два града, меѓу Велес и Неготино.
„Си имаат железница, а има и пат во селото, има и автобуски превоз. Жителите имаат избор. Има само предности, нема маани таквата местоположба. Јас селото многу го сакам, сум одела преку лето таму, но навистина се разликува од другите села и таква е местоположбата, Вардар не го поплавува, а воедно блиску е и Стоби. Луѓето си имаат свое парче земја, ги обработуваат нивите и производите ги продаваат во околните места. Во Градско има плодна земја“, вели Ели Урумова, која потекнува од Градско.
Селото Крупиште се наоѓа во Општина Карбинци, а низ него помина патот Штип-Кочани. Oва село е на тромеѓе меѓу три града.
„Луѓето гравитираат тука оти селото е скоро исто оддалечено и од Кочани и од Пробиштип и од Штип. Тоа е предност. На лекар луѓето најчесто одат во Штип, затоа што целиот исток доаѓа во Клиничката болница“, вели Зоран Минов, жител на селото Таринци, кој поседува мотел во Крупиште и е поранешен градоначалник на Општина Карбинци.
Жена од селото Крупиште објаснува дека мештаните со Штип имаат поблиски врски.
„Луѓето одат во Штип за работа, за медицински услуги. И во Кочани одат, но послабо. Некои жители имаат имоти во Штип. Си имаат станови, куќи, кој како се снашол. Има пат, може да се стигне лесно и до двата града“, рече постара жена од Крупиште.
Некои од селата кои се на граница меѓу две општини имаат над 300, над 500, а дел дури и над 2.000 жители. Пописот регистрираше дека 205 села немаат ниту еден жител.
Сања Атанасовска