КОИ СЕ ОВИЕ „БИТАНГИ“ (ВИДЕО) - намерно растураат ѓубре по претходно исчистени улици
В.д. директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје, Зуди Енузи Кока, на својот фејсбук профил објави анонимна снимка од граѓани на која се гледа како поединци во Скопје намерно ги уништуваат садовите за отпадот и разнесуваат отпад низ центарот на Скопје.
„Анонимно од страна на граѓани ни беше испратена оваа снимка на којашто може да се види како поединци намерно ги уништуваат садовите за одлагање на отпадот и разнесуваат отпад низ центарот на Скопје. Ваквото недолично и безобразно однесување каде што може да се види и уништување на јавен имот е забележано на неколку локации низ градот, на местата каде што комуналните служби претходно имаат исчистено, поединци отпадот го разнесуваат намерно и од црни кеси го истураат на јавни површини.
Дали станува збор за организирана акција ќе треба допрва да се утврди“, пишува Кока на својот профил на кој го објави и видеото.

Тој, како што натаму додава во својот пост, ги повикува граѓаните да реагираат на ваквото срамно однесување, а доколку забележат вакво однесување на поединци или групи истото да го пријават.
„Скопјани заслужуваат да живеат во чиста животна средина, а ваквото однесување е непочитување на трудот на комуналните служби, но и претставува казниво дело“, потенцира в.д. директорот на Јавното претпријатие Комунална хигиена.
