КОИ СЕ КАНДИДАТИТЕ ЗА МИНИСТЕРСКИТЕ МЕСТА ВО ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА ОД ВМРО-ДПМНЕ: Тошовски е адвокат, Велковски беше прв генерален секретар на град Скопје по доаѓањето на Арсовска
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва ги објави кандидатите за министерските места во техничката влада која треба да биде избрана најдоцна до недела на полноќ.
За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, а доколку биде избран на собраниската седница в недела, со Министерството за труд и социјална политика во 100-те дена до парламентарните избори ќе раководи Ѓоко Велковски.
Нивните имиња се познати во јавноста, пред сè, во рамките на нивниот политички ангажман и функциите кои ги извршуваа.
Панче Тошковски е адвокат и претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Како адвокат, тој можеше да се види во судниците како бранител на дел од обвинетите во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Освен во Кривичниот, Тошковски често беше и во Граѓанскиот суд каде што застапуваше членови и функционери на партијата во повеќе парнични постапки. Една од нив е и онаа во која министерката за одбрана Славјанка Петровска го тужеше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
За кандидатот на опозициската партија за министер за труд и социјална политика во медиумските архиви сè уште свежи може да се најдат објавите кога стана генерален секретар на Град Скопје. Имено, тој беше првиот што ја извршуваше оваа функција кога по локалните избори во 2021 година градоначалничка на Скопје, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, стана Данела Арсовска. На фунцкцијата остана до средината на септември 2022 година, кога даде оставка од позицијата, а од администрацијата на Арсовска, пак, сооштија дека бил разрешен, поради негово влијание во спорна тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.
