Кои се двата најголеми душмани на Источна Македонија?
Депопулацијата изразена преку дебалансот меѓу бројот на починати и новородени деца, намалениот наталитет заради склучувањето бракови во позрели години од порано, зголемениот број на разводи на млади двојки, слабата понуда на пазарот на труд во комбинација со изразената економска миграција доведоа до тоа да годинава 40 отсто од столчињата за првооделенчиња останат празни
Дали ни требаат вложувања во училишни објекти или треба фокусот да го ставиме на тоа како да се задржат актуелните и потенцијалните родители во општините на Источна Македонија. Актуелните податоци за бројот на новозапишани првооделенчиња се поразителни. Седум општини во Источна Македонија излегува дека имаат предимензионирани училишта!!! Верувале или не?!
Во мај годинава, кога се запишуваат во училиште новите првачиња во општините: Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Пробиштип и Карбинци училиштата имале вкупно расположливи 1.808 столчиња за новите првачиња. Во уписниот рок биле пријавени 1.090 дечиња. Во претстојната учебна година празни ќе останат 718 столчиња т.е. училиштата запишаа 40 отсто помалку првачиња во споредба со бројот на расположливи места за упис на нови ученици во прво одделение.
Миграција и депопулација...
Сите локални фактори од образовниот процес и од локалните самоуправи надлежни за планирање се согласни дека овој резултат е сплет на двата најголеми проблеми на депопулизација на Македонија процеси кои се најизразени во источна Македонија.
Подолго присутен од двата процеси е депопулацијата која произлегува од два катализатори кои имаат биолошка и социјална компонента. Биолошката е стареењето на популацијата на кое не може да му парира наталитетот т.е. новородечињата. Втората социјална изразена компонента е склучувањето бракови подоцна во позрели години на брачни парови и меѓу нив се побројни низ годините се такви кои одлучуваат да имаат по едно дете или максимум две деца. Најнов негативен фактор кој уште не влијае изразено, но е поприсутен од порано е неплодноста кај младите двојки и зголемениот број на разводи токму на млади брачни двојки без деца.
Вториот социјален процес кој е многу понов од првиот, но е со изразен интензитет е економската миграција. Влијанието на нискиот стандард, дебалансот на пазарот на труд во источниот регион, иако намален особено со странските инвестиции, придонесе за поголемо иселување на млади брачни двојки од источниот регион. Зголемувањето на бројките на планирани, а празни столчиња на првачиња во последните неколку години (со исклучок на ланската која беше под влијание на корона кризата) всушност е резултат на тој процес.
Р.Ф.

