Кои предмети му преостануваат на Мијалков за судење?
Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, се соочува со неколку децении затворска казна, откако пред две недели беше осуден на 12 години затвор првостепено за „Таргет-Тврдина“, односно за масовно прислушување и уништување на опремата.
Поранешниот прв човек на тајната полиција беше осуден, но Апелација му ја укина затворската казна од 3 години во случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, за што судењето за овој случај повторно е во тек.
Следен случај кој се очекува да заврши набрзо е случајот „Трезор“, во кој што Сашо Мијалков е првообвинет. Се товари за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикана штета на буџетот на државата во висина од 862.045 евра поради набавка на на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од страна на фирма од Велика Британија. Завршните зборови на Јавното обвинителство за овој случај се закажани за 22 март, додека пак завршните зборови на одбраната се закажани на 29 март.
Тој е обвинет и за случајот „Тортура“, процес во кој е гонет за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување за начинот на апсњето на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Мијалков е осомничен во два случаи - добропознатата „Империја“ и за „Плацеви на Водно“, инаку купени со пари од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ.
