Кои кандидати се „печени“ за нови градоначалници?
Партиските кујни засилено чадат за да ги „испечат“ новите кандидати за градоначалници во пресрет на
локалните избори закажани за 15 октомври годинава. Кандидати има многу, но
врвовите на партиите се воздржани во соопштување на финалните кандидатури,
велат ќе ги чекаат сондажите на рејтинзите од терен. Во меѓувреме, мошне бурно
е во двата македонски блока, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со засилени внатрепартиски
лобирања за позиционирање на кандидатските листи. Навидум посмирено е кај
партиите на македонските Албанци.
Што се однесува до Градот Скопје и скопските општини, освен со дел од актуелните градоначалници, и двете најголеми партии би оделе со свежи лица во дел од општините.

Кој ќе ја трча трката за Центар, со поддршка на СДСМ? Актуелниот градоначалник, Андреј Жерновски, кажа дека од граѓаните ќе бара втор мандат, заради останатите проекти за реализирање. Во кадидатурата и на терен тој се надева на поддршка на Зоран Заев. Уште еден центарски лик покажува сериозни амбиции за оваа позиција. Тоа е Саша Богдановиќ, директор на Јавното претпријатие Пакринзи на Општина Центар и претседател на општинската организација на партијата, кој ги очекува гласовите на големиот гласачки резервоар на социјалдемократите во централната скопска општина. Има информации дека можеби ќе се вклучи уште некој кандидат. Но, сето тоа е уште во сферата на шпекулациите, како што до пред извесен период се споменуваше и името на Дамјан Манчевски, актуелен министер за Информатичко општество.

Кандидатот на СДСМ на гласачкото ливче за Центар би се соочил со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, Сашо Стефаноски, од Фондот за здравствено осигурување и претседател на општинската организација на партијата за оваа Општина. Стефаноски е со потекло од Охрид, што веројатно ќе му ја отежне работата. Во политичките кулоари како можни внатрепартиски кадидатури се споменуваат и имињата на Томислав Лазаров, советник во Центар, како и на претеничката Даниела Рангелова.
Името на Душко Весковски, веќе извесен период се споменува како можен и најсериозен кандидат за градоначалник на општина Карпош. Исто како кандидат, излегува и името на Анте Попоски. Тој е поранешен претседател на општинската организација на СДСМ во оваа општина, а Весковски актуелен прв човек на партијата во Карпош.
Извесно е дека во битката за Карпош, ВМРО-ДПМНЕ ќе застане зад кандидатурата за уште еден мандат на Стевчо Јакимовски. Но, партиските кулоари сè погласно говорат и за уште една кандидатура, таа на Сашо Лазаревски, претседател на Советот на Општината.

Како што стојат работите,во СДСМ се сигурни дека ќе ја превземат локалната власт во Ѓорче Петров, скопска општина која до сега беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и Сокол Митревски. Свежото име кое сè повеќе се споменува е Снежана Трајковска. Таа е Советник и актуелен Координатор на Советничката група на СДСМ во Ѓорче Петров. Упатените велат дека Трајковска, како локалец од општината, е човек од терен, со широка поддршка на симпатизерите на социјалдемократите во населените места во оваа општина, но е и добар познавач на локалната самоуправа. Како факт повеќе се наведува и дека како жена, би била полн погодок. Минатите неколку недели се споменуваше и името на Александар Наумоски како можен градоначалнички кандидат, но тој деновиве седна на директорската фотеља во Истражниот затвор Скопје, во Шуто Оризари. Извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да смета на услугите на досегашниот градоначалник Митровски, а како можен кандидат се споменува Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски.
За Општината Аеродром, барем за сега, во СДСМ гравитираат две имиња како избор во трката за градоначалничкото место. Тоа се Златко Марин и Дејан Павлески. Марин е претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром, а Павлески заменик министер за локална самоуправа.
Од ВМРО-ДПМНЕ нема потврда дали е утврдена кандидатурата за оваа Општина на актуелниот градоначалник, Ивица Коневски. Покрај него, се шпекулира и со името на парламентарецот Драги Данев.
ВМРО-ДПМНЕ, за сега, нема формално исфилтрирано конретни имиња ни за Општината Кисела Вода, при што не се даваат големи шанси за повторна кандидатура на сегашната градоначалничка, Биљана Беличанец. Тука шансите одат на сметка на Орце Ѓеорѓиевски, кој што во последниот период станува партиски фронтмен во јавните настапи на ВМРО-ДПМНЕ. Во другиот табор, за прв човек на оваа скопска општина, социјалдемократите како внатрешни фаворити ги имаат Филип Темелковски (син на Зоре Темелковски) и Елена Костова.

Што се однесува до “таткото” на Градот Скопје, спротивставените табори неколку пати нагласуваа дека кандидатите треба да бидат ценети и угледни личности во своите средини. Од редовите на СДСМ и претходно се споменуваа повеќе имиња, како оние на Манчевски и на Жерновски. Исто така, остануваат на сила и шпекулациите дека СДСМ размислува да го кандидира пратеникот Петре Шилегов да ја трча изборната трка за Градот Скопје. Од друга страна, иако сè погласни се говорењата дека би сакале нов кадидат за главниот град, сепак според интерните анкети ВМРО-ДПМНЕ повторно би го кандидирал актуелниот градоначалник, Коце Трајановски, исто како што уште една шанса би добила кандидатурата на досегашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
“Да ги видиме најдобрите кандидати, не за Заев. Спасовски, Шеќеринска, туку за граѓаните, да видиме кој кандидати тие ги сакаат за татко или мајка на градот”, изјави деновиве од Охрид премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Во ист тон се и најавите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ – дека кандидати за градоначалници ќе бидат оние личности кои што имаат најголем јејтинг и добар скор на анкетите на терен. Со оглед на изборниот термин и забревтаните партиски машинерии, конкретните имиња би требало да излегуваат на виделина веќе во наредните денови.
