Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кога сонот за Германија се претвора во кошмар!

Кога сонот за Германија се претвора во кошмар!

“Идејата за да работам во Германија за време на летото ми се виде како добра прилика, додека сме ослободени од обврски поврзани со факултетот да заработам свој денар, со што потоа би им заштедил пари на моите родители за да ги продолжам студиите. Реално во Македонија нема таква прилика, за време на цело лето не можеш да заработиш ниту приближно од тоа што во Германија ќе го заработиш за еден месец” - со ваква мисла Борис Рочовски од Пехчево, студент во трета година на Правниот Факултет во Скопје мислел да го помине летниот распуст и од септември да продолжи со студиите. 

Но неговите планови се изјаловиле во моментот кога сватил дека по неколку месечни малтретирања нема абер од агенцијата која посредувала за работа во Германија да му ја даде работната дозвола. Борис е еден од стотината студенти кои мислеле дека ќе можат за неколку месеци да си обезбедат пристојни приходи за понатамошно школување. Сега вели останале и без пари и без работа, па практично им пропаднале и оние малку пари кои морале да ги издвојат од семејниот буџет за да стигнат до документи за работа.

“Сите ние аплициравме за работа во СР Германија преку агенцијата Венера Кемаловски. Процесот на аплицирање започна уште во јануари. Мојата група аплициравме во канцеларијата во Штип при крајот на јануари и бевме повикани на интервју во просториите на агенцијата на 8ми февруари. Ни беше кажано дека сите го поминавме интервјуто и имаме познавања од германски јазик. Веднаш по завршувањето на интервјуто, потпишавме договор со агенцијата и ни беше кажано дека најверојатно од 15ти јуни ќе почнеме со работа. Притоа, за интервјуто ни беа наплатени 1.500 денари, пари кои ги дадовме на рака и за кои не ни беше издадена никаква потврда или фискална сметка. Потоа започнаа проблемите, бевме повикани на дополнително интервју, после кое ни беше кажано дека ниеден од нас нема доволно познавања од германски јазик и дека ако сакаме да продолжиме со постапката, мора да платиме онлајн-курс на сметка на агенцијата, во вредност од 3.900 денари. 

Ги уплативме средствата, иако тоа првично не беше предвидено. Потоа од агенцијата почнаа да ни бараат дополнителни документи, како уверение за неосудуваност, заверени и преведени студентски легитимации, кои исто така не беа предвидени првично. И покрај тоа ги прифативме сите нови барања на агенцијата, нормално на наш трошок. Кога веќе стана јасно дека од 15ти јуни нема да тргнеме на работа, вработените и сопственикот почнаа да ги избегнуваат нашите повици. Комунициравме само кога тие ќе посакаат, при што не уверуваа дека работните дозволи доцнат, но ќе стигнат најверојатно до крајот на месец јуни. На 21ви јуни, сопственикот Емран Кемаловски објави дека СИТЕ работни дозволи се стигнати, за само после 3-4 дена во телефонски разговор да ме извести дека јас сум одбиен без никакво образложение и без никаква причина. Истото му го кажа и на друг член од нашата група, па од седуммина, заминаа само пет студенти”- објаснува студентот.

За можноста за сезонска работа во Германија дознал од негови колегиво студенсткиот дом, кои изминатите години на овој начин си обезбедувале скромен приход за студии. Борис вели ова му се видело како добра можност финансиски да ги ослободи родителите и да си обезбеди џепарлак. Студентите како што вели заминуваат масовно на работа во странство, пред се на летна работа во Германија, затоа што парите кои таму ќе ги заработат за три месеци работа, овде не би можеле да ги заработат за цела година.

“Познавам многу мои другари од студентскиот дом во кој престојувам кои заминуваат на летна работа во Германија. Од агенцијата ни ветуваа дека ќе работиме во ресторан од познатиот бренд Бургер Кинг, ќе имаме најмалку 160 работни часа месечно, еден час ќе се плаќа 8,84 евра. Притоа од агенцијата се обврзаа и дека ќе ни обезбедат и сместување во разумна близина до работното место. За сите документи, преводи, курсеви, обуки и слично, секој од нас има дадено по повеќе од 10.000 денари, а дополнително тие што ќе заминат во Германија треба да и платат на агенцијата уште 200 евра (или доколку одберат плаќање на рати, плаќаат 2х140 или 3х100 евра) за завршената "услуга"- додава Рочовски.

Младиот студент вели е разочаран од позицијата и можностите кои им се нудат на младите во земјава. Вработување смета дека лесно се добива само по партиски клуч, што е главна причина за масовниот егзодус кој се случува последнава деценија.

“Не е лесно да се студира во Македонија, сите знаеме дека вработувањето не само во јавните, туку и во голем број приватни компании се одвива во партиска "заслуга". Тоа навистина понекогаш делува демотивирачки, но сите живееме во надеж дека во иднина овие работи ќе се променат и дека младите ќе ја гледаат својата иднина дома, што не е случај и сега.

Многу ретко во Македонија се гледаат реалните квалитети при вработување, во најголем случај вработувањето се одвива со препораки од роднини, блиски пријатели или партиски штабови. Тоа е и причина зошто младите кои поседуваат квалитет и вештини се повеќе сакаат да си заминат од оваа држава и да заминат таму каде што нивните способности ќе се ценат.

Доколку работите не се променат на подобро, не само јас туку и големото мнозинство од младите луѓе сакаат да си заминат и да си ја побараат среќата во странство и гарантирам дека доколку им се укаже шанса, најголем број од младите би си заминале без многу размислување. Меѓутоа, моментално живееме во време на големи очекувања, се случуваат промени во државата, па доколку има и реални промени на подобро, се надевам дека државата ќе успее да ги задржи младите луѓе во државата”- додава студентот од Пехчево.

Тој очекува брзо решение на проблемот бидејќи неговата судбина ја делат уште стотици измамени студенти.

“Ги чекам моите пари назад уште од крајот на јуни и сеуште не ми се вратени. На почетокот ми велеа почекај до утре, почекај уште 2 дена.... а сега одбегнуваат да одговорат на моите повици. Јас сум само еден од многуте измамени студенти, нашиот број е над 100 студенти кои сме измамени, а дури и тие кои добија дозволи и заминаа на работа, се соочуваат со голем број проблеми на работните места. Голем дел од нив почнаа со работа дури 2 недели по пристигнувањето во Германија (трошоците се енормни кога само трошиш, а не заработуваш во земја како Германија и кога плаќаш по 300-350 евра за стан), многумина имаа проблеми со сместувањето, им беа давани лажни адреси и слично. Јас се надевам дека после се што се случи, после сите проблеми кои ги доживеавме, сопственикот ќе има доблест барем да ни ги врати нашите пари, кои со ништо не заслужил да ги носи во неговиот џеб. Во спротивно, ќе бидеме принудени да си ги бараме нашите пари и на други начини, преку институциите на државата”- порачува студентот Рочовски.  

Оваа афера според студентите отвора сериозен проблем со кој ќе мораат да се позанимаваат надлежните институции од кои очекуваат засилен надзор и контроли во агенциите кои посредуваат за работа во странство и кои како што велат се мајтапат со младите и им користат трудот а им го рушат и сонот за реализирање на замислените цели.  

С.Б.

Слично

Поврзани вести