Кога сите бегаат од огнот, тие влегуваат во него: Менка и Билјана се супер жените на Скопје
По повод 4 Мај – Денот на пожарникарите,Женски магазин ја раскажува приказната за Менка Стојаноска и Билјана Денчовска, двете храбри пожарникарки од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, кои со својата професија секојдневно ги рушат стереотипите.
Кога ќе се вклучи сирената, нема простор за страв, двоумење или предрасуди. Има само една цел – да се стигне навреме, да се помогне, да се спаси човечки живот, дом, животно, нечие сè.

Токму во таква професија, која со години се смета за „машка“, своето место го пронашле Менка Стојаноска и Билјана Денчовска – пожарникарките од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Хумани, храбри и вредни за почит, тие со своите животни приказни докажуваат дека кога кон професијата се пристапува со љубов и посветеност, не постојат бариери што не можат да се надминат.
По повод 4 Мај – Денот на пожарникарите, нивната приказна е потсетник дека хероите не секогаш носат наметка. Понекогаш носат тешка униформа, заштитна кацига и срце подготвено да влезе таму од каде што другите бегаат.
Билјана Денчовска е регистрирана како првата пожарникарка во Македонија. За неа, ова не е само работа, туку животен повик.

- Јас сум првата пожарникарка во земјата и оваа професија ја сакам затоа што е многу хумана. Колку и да е ризична, тука се работи за спасување луѓе, материјални добра, животни и човечки животи. Затоа ја работам со љубов, рамо до рамо со моите колеги – раскажа во една прилика Билјана Денчовска.
Иако влегла во средина во која жените се вистинска реткост, Билјана вели дека колегите ја прифатиле без предрасуди. Брзо станала дел од тимот, а неколку години подоцна, добила и женско засилување – Менка Стојаноска.
Менка, пак, во оваа професија влегла речиси случајно. Активна, дисциплинирана и љубителка на боречките вештини, во пожарникарството препознала предизвик, но и можност да биде корисна таму каде што е најпотребно.

- За мене, одлуката дојде сосема случајно. Едноставно, мислев дека сакам и можам да бидам пожарникарка, се пријавив и оттогаш сум дел од противпожарната единица. Се пронајдов во оваа хумана професија, со која можам да придонесувам за доброто на луѓето. Не е лесна, но самата суштина на оваа професија носи големо задоволство – вели Менка Стојаноска.
Менка и Билјана доаѓаат од различни животни приказни, имаат различни интереси и различна возраст, но ги поврзува истата мисија – да помогнат кога е најтешко. Нивната работа бара физичка подготвеност, но уште повеќе бара присебност, брза реакција, тимска доверба и огромна внатрешна сила.
Повеќе од сторијата прочитајте на Женски магазин....