Кога си на власт не е „кул“ да се протестира за загадениот воздух
Скопје вчера го преживеа еден од најтешките денови оваа грејна сезона со рекордно и опасно загадување на воздухот и според мерењата изби на првото место во светот како најзагаден град со десетици пати присуство на штетни ПМ10 честички над дозволеното. Ваквата состојба доведе до голем револт кај граѓаните кои најавуваат и протести, а исто така дел од родителите во скопските училишта се самоорганизираат за бојкот на наставата и се закануваат дека нема да ги носат своите деца на училиште се додека стапките на загаденост се многу високи и не се преземе нешто конкретно.

Одговорот на новиот градоначалник на град Скопје Петре Шилегов не беше најсоодветен бидејќи тој смета дека зад дел од иницијативите за протести и бојкот стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Епа, навистина не е кул кога си на власт да се протестира за загадениот воздух. Тоа многу добро го знаат и претходните градоначалници кои на своја кожа го осетија револтот на граѓаните бидејќи не се преземаа конкретни мерки.
СДСМ, да потсетиме дека неодамна сами пред Владата одржаа марш за чист воздух и нивните кандидати за градоначалници се смешкаа пред камерите, позирајќи со маски. Сега, кога ја освоија власта и кога од нив се очекува се што ветија да исполнат, макар и со некоја кратокорчна мерка како пуштање на бесплатен јавен превоз, забрана за сообраќање на стари возила, итни инспекциски надзори на терен и високи казни за загадувачите, добиваме чудна контра против тие што критукуваат макар биле и членови на ВМРО-ДПМНЕ, па зарем и тие немаат право на чист воздух без оглед кој е нивниот мотив за протестирање.
На популарната апликација Мој Воздух преку која всушност и се крена свесноста за загадувањето на делот „Политички бројач“ ниту едно од 39-те ветувања на Шилегов за справување со загадениот воздух не е преземено или исполнето. Ниту од краткорочните мерки како:
- Возила под ЕУРО 4 стандард вон сообраќај и редовна контрола на издувните гасови со мобилни мерачи, исклучување на лице место ако има надминување.
- Ограничување или времено запирање на емисии од стационарни извори, зависно од учеството во згадување на воздухот, редовна инспекциска контрола со мерење на емисиите, концентрациите на загадувачките супстанции и нивно објавување.
- Ограничување или времено запирање на градежни активности, во зависност од учеството во загадување на воздухот.
- Да се стимулира греење на гас, суви и нетретирани дрва, пелети и брикети од чисто дрво, а по потреба во критичните периоди и да се постави забрана за греење на останатите горива во домаќинствата, приватните и државните институции.
- Денес сме тука да продолжиме со нашите намери да обезбедиме еден системски и интегриран пристап во решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот. Ваквиот пристап покрај активностите преземени од страна на централната и локалната власт подразбира и активно вклучување на граѓанските организации, академијата, бизнис заедницата, медиумите, неформалните иницијативи и други заинтересирани страни.
Работевме на изнаоѓање на оперативно решение како засилен комунален надзор, и надзор за заштита на животната средина од недозволените палења што партиципираат како сериозен дел во процентот на загадувањето. Дополнително, работевме на решавање на одредени сообраќајни решенија, заедно со министерствата и општините, со цел да се обидеме во претстојната сезона да ги ублажиме ефектите од загадувањето на воздухот, изјави градоначалникот Шилегов на форумот.
Состојбата со промена на временските услови барем деновиве ќе се смири и веќе може да се види дека загадувањето иако и натаму е високо не е во алармантните рамки како што беше на рекордниот ден па така властите ќе имаат доволно време да истапат на посериозен начин и да ги уверат граѓаните дека знаат што прават, дека пристапот им е усогласен и дека мерките кои ќе ги преземат сега на краток рок ќе дадат ефекти, а исто така и дека ќе започне примената на подолгорочна стратегија.
Автор: Христијан Станоевиќ
