Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОГА СЕ „РЕКОДИРА“ РЕАЛНОСТА, ДИГИТАЛНАТА ИДНИНА ПРЕСТАНУВА ДА БИДЕ ИЗГОВОР ЗА НЕМАЊЕ ПРОГРЕС

КОГА СЕ „РЕКОДИРА“ РЕАЛНОСТА, ДИГИТАЛНАТА ИДНИНА ПРЕСТАНУВА ДА БИДЕ ИЗГОВОР ЗА НЕМАЊЕ ПРОГРЕС

По Конференцијата МАСИТ 2.0 – Recode Reality, сметаме дека е неопходно јавно да се артикулира зошто дигиталната трансформација повеќе не смее да остане декларативна цел, туку мора да стане измерлива општествена одговорност.

Како некој што секојдневно ја живее работата на МАСИТ, можам да кажам дека долго време дигиталната трансформација ја третиравме како концепт што е удобен за стратегии, говори и презентации – нешто што се чита или се зборува, но ретко се чувствува и живее во секојдневието. Денес, пред прагот на 2026 година, веќе нема простор за изговори: дигиталната трансформација не е апстрактен поим или далечен тренд – таа е дел од нашата реалност. Ја гледаме во секојдневното работење на компаниите, ја живееме преку луѓето што го движат нашиот сектор. Прашањето повеќе не е дали сме дигитални, туку колку сме зрели, подготвени и храбри да дејствуваме навреме.

Токму од таа позиција ја создававме и јубилејната 20-та конференција MASIT 2.0 – Recode Reality 2025, настан што симболично, но и суштински, го одбележува нашето две и пол децениско делување како комора на ИКТ индустријата. За мене лично, ова не беше уште еден проект или уште една конференција. Ова беше момент на искрено соочување – со самите себе, со институциите, со партнерите, нивното искуство и капацитети, но и со системот во кој сите функционираме.

Она што најмногу ме допре беше зрелоста на разговорите. Немаше фасцинација од технологијата заради самата технологија, ниту од техничката супериорност на новите решенија. Немаше површни заклучоци. Имаше искреност – понекогаш непријатна, но неопходна. Се зборуваше за сајбер-безбедноста како темел на довербата, за регулативата како клучен сојузник или сериозна пречка, и за образованието како најранлива, но и најважна инвестиција што ја имаме како општество.

Како МАСИТ, и како ИКТ индустрија, ние многу добро знаеме една работа: технологијата сама по себе не е решение. Таа само ги засилува постојните капацитети – или постојните слабости. Ако институциите се бавни, дигиталните алатки ќе ја направат таа бавност уште повидлива. Ако не инвестираме во луѓе, знаење и доверба, ни најсовремената инфраструктура нема да направи суштинска разлика.

И токму тука ја гледам вистинската сила на МАСИТ и на нашите компании членки. Ние не сме само даватели на ИКТ услуги. Ние сме носители на знаење, искуство и одговорност. Индустрија што одамна не сака да биде набљудувач, туку активен партнер во креирањето политики и решенија. Исчекор од моделот „ние испорачуваме, вие одлучувате“, кон модел на заедничка визија и споделена одговорност.

Во изминатите 25 години, МАСИТ растеше заедно со индустријата – од мала заедница, до релевантен глас во општеството. Денес, МАСИТ не е само стопанска комора. Тој е глас на ИКТ индустријата – глас што ја дефинира зрелата дигитална перспектива. Перспектива што не се мери по бројот на апликации, туку по квалитетот на услугите; не по бројот на компании, туку по способноста да ги задржиме и развиеме луѓето што ја градат индустријата; и не по декларации, туку по довербата што ја создава.

Реалноста што треба да ја „рекодираме“ не е технолошка. Таа е управувачка, институционална и образовна. И токму затоа ваквите настани не се протокол, туку нужност – простор каде што индустријата јасно и одговорно кажува: подготвени сме да преземеме одговорност.

Затоа што дигиталната иднина нема да нè праша дали сме биле подготвени. Таа само ќе покаже дали сме биле доволно храбри – и доволно обединети – да дејствуваме навреме.

Директорка на извршна канцеларија на МАСИТ, Елена Петрушевска

Слично

Поврзани вести