Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОГА ОДИТЕ НА ГОСТИ СИ ГО НОСИТЕ ПИЈАЛОКОТ: Како во Костарика живее Македонката Ирена

КОГА ОДИТЕ НА ГОСТИ СИ ГО НОСИТЕ ПИЈАЛОКОТ: Како во Костарика живее Македонката Ирена

Скоро 4 години македонката Ирена, живее во Костарика. Животниот пат ја однел во таа далечна земја, односно во вториот по големина град Алахуела, откако се омажила за нејзиниот сопруг со кој се горди родители на девојче и момче. Во Костарика, Ирена е учителка по англиски јазик. За Костариканците вели дека се гостопримливи, но не толку како Македонците. 

Преубави плажи, тропска клима, вулкани, развиен туризам се причина за бројни туристи од светот да ја посетуваат Костарика. Детали за животот таму, читате во редовите подолу.


„Во 2012 година заминав за Доха, Катар да работам за Qatar Airways. По неколку месеци летање го запознав мојот сопруг на еден престој во Кенија и од тој ден започна нашата врска“. Вака ја започнува приказната за Женски магазин, Ирена која по потекло е од Делчево, а веќе неколку години живее во Костарика.

Одлуката каде да го продолжат заедничкиот живот, Ирена и нејзиниот сопруг Џони била тешка за донесување. Особено за неа. 

- Не е лесно да се одлучи човек да живее далеку од семејството за непланиран период од време. Не ми беше тешко да живеам некаде на друго место, тешка ми беше помислата дека нема да можам да се вратам дома кога ќе посакам, заради далечината И економски причини.

Семејството на мојот сопруг е многу гостопримливо. Тие беа многу среќни кога дојдов во Костарика и навистина ме прифатија многу лесно. Врската помеѓу снаа, свекор и свекрва се многу порелаксирани овде. Луѓето ги немаат истите очекувања од идната жена на синот како кај нас во Македонија, ни раскажува нашата соговорничка.

Колку е развиено ...каков е животот таму ... каков народ се Костариканците ...

Ирена вели дека Костарика е едно парче земја со преубава природа. Тропска клима, секогаш е злено, цветно и топло. 


„Овде сум веќе скоро 4 години и мојот ормар во глобала е само со летна облека и сандали. Иако е тропско место, ќе се изненадите ако знаете дека оваа држава е исто така мултиклиматско место. Тоа значи дека во некои делови од државата е доста поладно, врнежливо, а некаде само сончево. Се случило дури и кога се возиме во кола да биде сончево и наеднаш сме на место каде врне дожд, за 4 минути пак сончево место. Ако решите да одите на планина или да посетите вулкани треба да тргнете со еден куфер алишта. Климата знае да изненади. Може да биде многу ладно или на моменти многу топло. Костарика нема многу убави градби, особено главниот град Сан Хозе (Сан Јосе) е едно од најнеатрактивните места за посета - ни раскажува Ирена за животот во Костарика.

Vulkan Arenal 

-Заради преубавите плажи, вулкани, планински резорти, термални извори, туризмот е многу развиен овде. Доаѓаат луѓе од најразлични држави, но најмногу од Германија и Северна Америка. 

Vulkan Poas


15ти Септември е денот на независноста на Костарика. Тогаш има паради со музика и традиционални танци по улиците низ целата држава-вели оваа млада мајка.


Ако одите на гости, задолжително мора да си го понесете пијалокот

„Луѓето се гостопримливи, да, но не до толку како македонскиот народ. Костариканците се спремни да помогнат, но не и да ги отворат вратите од нивните домови. А ако случајно ве поканат да влезете, најмногу ќе добиете часа вода или сок. Масите не ги полнат со храна и пиење како кај нас во Македонија. Ако сте повикани на забава, вечера, настан кај пријатели должни сте да си однесете пиење. Секој треба да си однесе што ќе пие. Тоа дефинитивно ми беше многу чудно, вели Ирена додавајќи дека луѓето таму се многу претпазливи, а тоа веројатно, вели се должи на различниот живот во Централна и Јужна Америка.

„Сигурно сте прочитале, па и виделе по ТВ дека овде не е најбезбедно. Спомнувајќи го тоа, една од многуте работи кои ме изненади овде е тоа што луѓето ставаат огради (најмногу со решетки) околу куќите, училиштата, продавници, буквално секое место има ограда со решетки.


Повеќе на Женски магазин

Слично

Поврзани вести