Кога Кочан и обвинетите од Труст ќе се соочат со СЈО на суд?
Случајот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан повторно се одложи. СЈО дури другата недела ќе може да ги демонстрира своите докази со кои треба да се соочи одбраната на Кочан заедно со обвинетите Василие Авировиќ и Сафер Ватиќ.
Една недела има бизнисменот Сеад Кочан, и останатите двајца обвинети Василие Авировиќ и Сафер Ватиќ за да ги разгледуваат доказите кои СЈО ги стокмило против нив за случајот Труст. Денеска прв пат седнаа на обвинителна клупа , но Рочиштето беше одложено со барање за да се разгледаат доказите бидејќи советот на кривичниот суд кој го оценувал обвинителниот акт не ги доставил доказите до адвокатите на одбраната.
Од Специјалното обвинителство тврдат дека испратиле 13 примероци заедно со обвинението.
„Советот кој оценува по обвинението и кое оценил дека обвинението треба да влезе во правна сила, задолжително мора да достави листа на докази и тоа е еден акт од кој зависи кои докази ќе бидат изведени на главната расправа“ - вели Гаврил Бубевски.
„Листата на докази потврдува кои докази јавниот обвинител ги предлага за изведување пред судот, а потоа ќе следи и листа на докази од обраната, а вака одбраната нема листа да докаже дека обвинетите се виновни.“ - вели Јован Јоанидис.
Меѓу доказите напишани на 81 страница се и три прислушувани разговори. Две бомби се енигма за јавноста, а една меѓу поранешниот премиер Груевски и ексдиректорот на ЕЛЕМ Чинговски беше објавена. За прв пат кривичниот Совет кој го оценувал обвинението на СЈО не ги издвоил бомбите од обвинението и тие остануваат доказен материјал.
„Одбраната си бара издвојување на снимките како незаконити, а советот го потврди обвинението.“ - вели Бубевски.
„Имам кажано дека тие се доказ во склоп со сите други докази.“ - вели Јоанидис.
Освен бизнисменот Кочан, обвинети се и Василие Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ, и уште едно лице за злоупотреба на јавна постапка, односно незаконски тендер од ЕЛЕМ тежок 17 милиони евра. Според СЈО тројцата обвинети преку три фирми се пријавиле и добиле тендер за ископување на јаглен во Суводол, но со фалсификувани документи. Од СЈО велат дека целта на истрагата биле лажната документација, а не и резултатот, дали била завршена работата во рудникот.
Откако Апелација му одреди притвор бизнисменот Кочан беше два месеца во бегство и се врати дома кога Врховниот суд ја укина оваа мерка.
Извор: ТВ 24