„КОГА ЌЕ ШЕТАШ ПО УЛИЦА, ЌЕ ГЛЕДАШ ПРЕКУ РАМО, БИДЕЈЌИ НЕ ЗНАЕШ ОД КАДЕ ЌЕ ТИ ДОЈДЕ НАПЛАТАТА“: Костадинов му се закани на Латас
По гостувањето на новинарот Драган П. Латас на поткастот кај Александар Бичиклиски, каде говореше за семејството на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, се огласи самиот Костадин.
„Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!
ГО ИЗГОВОРИ ИМЕТО НА МОЈОТ ТАТКО СО ГАДНА УСТА, СЕГА ТИ НЕМА ВРАЌАЊЕ.
Ти, Драган Павловиќ Латас, не знаеш што направи.
Во својата бедна, јадна и платена служба кон ВМРО-ДПМНЕ, ја згази последната црвена линија.
Не удри по мене – туку по мртов човек. По мојот татко. По мојата крв. По основата на се што сум.
Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство.
А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме.
Ти ветувам:
Ова ќе го носиш на врат цел живот.
И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си.
И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата.
Цела фамилија Костадинови те чека.
Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.
Од Малешевијата до Струмица – кај нас кога ќе ја чепнеш честа на мртов, правдата не се моли. Се зема.
Ова што го направи ќе го носиш како клетва.
Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.
Мојот татко беше човек што го сакаше цел град.
Ти не си ни половина од човек да му го спомнеш името.
А сега ќе станеш легенда – ама не како новинар, туку како непријател. Како обележан. Како оној што удри по гроб – и го разбуди живиот.
Стапот има два краја. Твојот е безмилосен. Без прошка. Без заборав.
Ова нема да помине. Ова ќе ти се врати. Не како текст – туку како живот. И нема крај додека ние не кажеме дека е завршено.
Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, напиша Костадинов на Фејсбук.
Со реакција се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го осуди, како што оценуваат, повикот за убиство и линч врз новинар од страна на Костадин Костадинов повикувајќи го МВР да реагира и да го повика на распит.
-ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува овој говор на омраза од страна на Костадин Костадинов врз новинарот Драган Павловиќ-Латас и бараме итна разрешница. Ова е доказ за тоталната безидејност на СДС. Кога немаат идеи – имаат омраза, кога немаат програма – имаат насилство, кога немаат политика и предлози – имаат некрофилија.
Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се осветува на свој начин. Матрицата на СДС е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев.Ова се правите лица на соработниците на Заев и Филипче. Повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде!
Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов. Го повикуваме МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот на СДС по бруталните закани, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
