Кога ќе се возиме во електричните автобуси во Скопје?
Идејата за набавка на електрични автобуси и комбиња кои би биле еден вид замена за тролејбус во Скопје беше претставена во 2016 година. Тогашната влада и раководство на град Скопје имаа предвидено набавка на 20 нови автобуси на електричен погон кои помалку би загадувале без емисии на ЦО2, како и на 30 минибуси наменети за помалку френкфентни но, секако неопходни градски линии исто така со електричен погон.
Во период кога загадувањето на воздухот е најголемо и мора да се размислува за воведување на иновативни решенија се обративме до град Скопје за одговори до каде е проектот и како ќе се реализира истиот, но и за останатите надлежности на градот за проектот „Електра“ како и поставување на полначи за електрични полначи низ Скопје.
Дали е започната процедурата за набавка на 50 нови електрични автобуси за Скопје 20 големи автобуси, дводелни со армоника зглоб на средината, и во кои можат да влезат 150 патника, (со дизајн на трамвај) и 30 минибуси?
- По усвојувањето на буџетот за 2018 година службите во Град Скопје почнаа со активностите за реализација на ставките предвидени со планот за работа. Во тек се подготовките за изработка на техничката документација со која ќе се специфицираат постапките за предвидените 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони денари за приватните превозници за набавка и преадаптација на еко автобуси.
Каква е состојбата со возниот парк на град Скопје со набавените електрични возила за сопствени потреби, има ли планови за нивно надополнување како дел од проектот Електра на претходното раководство?
- Возниот парк кој досега е набавен за потребите на Град Скопје и електро возилата за јавна употреба се во добра состојба и максимално се користат, а Град Скопје за оваа година нема предвидено набавка на возила воопшто, но при секоја наредна набавка со сигурност ќе се води сметка истите да бидат на еко погон.
Ќе следи ли поставување на нови полначи за електрични возила на јавно достапни локации во Скопје и како би ја поттикнале понатаму употребата и примената на новите електрични возила кај граѓаните на Скопје?
- Проектот за поставување на полначи за автомобили е во развој и досега се поставени неколку во катни гаражи и на јавни паркиралишта во соработка со ЕВН , очекуваме и понатаму да продолжи овој тренд во интерес на подобрување на инфраструктурата за користење , но и на продажба на возила со електро агрегати.
Со набавка на овие автобуси треба да се намалу загадувањето на воздухот, да се намали потрошувачката на гориво на ЈСП, како и да се заштеди од државниот буџет бидејќи претходните идеи за изградбата на трамвајска траса и оперирање беа многу скапи од страна на изведувачите на понудените проекти, па овој потег треба да даде најдобри резултати и годинава конечно да започне неговата реализација. Во изминативе денови како резултат на континуирано екстремно загадување воведен е бесплатен градски автобуски превоз за граѓаните, но тие не ја користат мерката во целост и продолжуваат со вообичаените превозни навики.
Автор: Христијан Станоевиќ
