Коѕиас: Обврските меѓу двете држави многу позитивно се развиваат, ќе направиме многу спогодби
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска по средбата со грчкиот колега, Никос Коѕиас во Скопје изјави дека разговарале за процесот за надминување на разликата околу името.
„Разговаравме како се одвива процесот, за методите и модалитетите за решавање, но разггаваравме и за тоа кои се интересите и грижите на двете страни за ова прашање, со цел да има поголемо разбирање за тоа како двете страни го перципираат проблемот“ – вели Димитров.
Тој додаде дека со Коѕиас се договориле да се гледаат почесто, и тоа не само на официјални средби.
Коѕиас пак вели дека се обидуваат да го поништат иредентизмот и креативно да ги решаваат проблемите.„Се радувам што повторно дискутиравме со Никола и продолжуваме да дискутираме. Тоа што го почнавме во Атина, го продолживме со низа телефонски разговори, добра комуникација, дискутиравме за големите теми што не интересираат, за заедничката иднина на нашите земји. Се радувам за позитивните резултати што ги имавме за заедничките мерки за добрососедство. Обврските меѓу двете држави многу позитивно се развиваат. Ќе направиме многу спогодби, за природен гас, соработка меѓу Универзитетите, Академиите, полицијата. За два месеци одново ќе имаме средба меѓу четирите земји, вашата и нашата земја, Бугарија и Албанија“ - рече Коѕиас.
Вашата стабилност ја храни нашата стабилност, додава тој. Смета дека разврските на проблемите со Македонија се одвиваат многу побрзо отколку со било која друга земја.
Според него, неопходно е почитување на суверенитетот и надминување на иредентизмот.
