КОЧАНИ И МАКЕДОНИЈА СЕ ВО АГОНИЈА: Последиците од колективната траума ќе ги чувствуваме и наредните години
Поради пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 млади луѓе во неделата, Кочани и целата држава деновиве се во агонија и последиците од оваа колективна траума ќе бидат присутни година или две од немилиот настан. Психијатарот Симеон Могилевски од Кочани ги советува луѓето да не чекаат, да побараат стручна помош и да не земаат лекови на своја рака. Вели дека деновиве имаат многу работа, а жените почесто бараат помош за разлика од мажите.
„Оваа недела нудиме бесплатна ментална поддршка и советување. Овој посттрауматски стрес ќе се случува и во наредниот перид, година до две. Кај дел од луѓето ќе се појави несоница, агонија, разочарување, безволие, наплив на емоции, промена на расположение, во еден момент ќе бидат тажни, потоа нервозни, агресивни, се зависи како го поминале претходно животот. Критични се тие што ги загубиле најмилите. Агонијата за едно изгубено младо дете, ќерка или син ќе биде поизразена. Во такви моменти, реално е потребна психолошка поддршка. Луѓето се во транс, потсвеста уште не проработела. Моќта кај машката популација е таква, самата машкост не им дава да побараат помош, но ќе бидат самосвесни дека не можат да се справат сами, а женската популација повеќе доаѓа да бара помош. Од децата до највозрасните сите се погодени од случувањата. Секому препорачувам да побара стручна помош. Да не посегнуваат по лекови, бидејќи тоа не го решава проблемот, туку ќе ги натрупа и одложи проблемите. Има стручни лица, само да ја побараат помошта, со разговор, тежината да излезе од нив“, објаснува Могилевски.
Тој додава дека во нашето општество има луѓе со истрошени нерви кои ќе бидат особено погодени од ваквите трагедии. Веста за пожарот во Кочани ја обиколи Европа. Страшните сцени ги потресоа граѓаните. Странските медиуми пренесоа дека ова е еден од најсмртоносните пожари од ваков тип досега во Европа. Инаку, во октомври во 2015 година, во пожар предизвикан од пиротехника на рок концерт во ноќен клуб во Букурешт во Романија загинаа 64 луѓе, а 190 беа повредени.
Сања Атанасовска