Кочан вели дека „Трансмет“ не донирал на ВМРО-ДПМНЕ, но од друг сведок излегува спротивно
Незаконитости во покривањето на трошоците за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2011 година се обидуваше да докаже обвинителката Лиле Стефанова, преку сведоците Сеад Кочан, поранешен управител на „Трансмет“ и Златко Кочишки, од фирма за изнајмување опрема за настани.
Бизнисменот Кочан утрово беше спроведен од затвор во судот. Кочан нагласи дека фирмата „Трансмет“ не се јавува како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, како и дека не се сеќава дека ниту тој, лично, како физичко лице бил донатор. Меѓутоа, сведокот Златко Кочишки од фирма која изнајмувала опрема за помали митинзи на партијата, како што се осветлување и бина, посочи дека тие не издавале фактури кон ВМРО-ДПМНЕ, туку кон „Трансмет“.
„Според анализите кои ги направивме во фирмата немам дадено фактура во ВМРО-ДПМНЕ”, рече Кочишки.
Обвинителката го праша и дали за оваа услуга имаат фактурирано на друга фирма. „Фактурирав таму каде што Логин ми даде инструкции. Јас не сум ги фактурирал, туку претпоставувам дека, откако сум ги добил инструкциите, само сум се јавил на телефон во фирмата да им кажам за која фирма да направат фактура“, рече сведокот, кој потоа додаде: „Во консултации со вашите луѓе истражители кога дојдоа во фирма за проверка дали сме фактурирале на фирмата ‘Трансмет’ излезе дека сме фактурирале”.
Обвинението говори дека Никола Груевски и Мартин Протоѓер во текот на изборната кампања, преку Миле Јанакиески и Кирил Божиноски изнајмиле оперма и набавиле рекламен материјал за изборната кампања, кој бил платен од фирмите „Трасмет“, „Секјуриком“ и уште една фирма. „Овие средства од 3.128.777 денари биле должни да ги пријават како донација, но не ги внеле во регистарот на донации. Сведоци ќе потврдат дека управителите на фирмите кои ги дале услугите, фактурите наместо кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ биле упатени да ги насочат кон правните лица, како услугите да биле извршени за овие правни лица”, рече обвинителката Стефанова во воведните зборови.
