Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОЦЕВСКИ: Секогаш сум работел согласно закон

КОЦЕВСКИ: Секогаш сум работел согласно закон

Откако Владата денеска го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски тој регираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел во согласност со закон.

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски“, вели Коцевски кој смета дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации.

Во писмената изјава тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, бил со важност до 31.12.2024 година.

„Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година“, вели Коцевски.

Тој објаснува дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Ова, според Коцевски, значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство.

„Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје“, посочува Коцевски.

Во писмената изјава тој наведува дека не е првпат да се постапува на овој начин и дека приоритет било да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за професионално работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.

„Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител, туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје“, посочува Коцевски.

Од Владата рекоа дека се разочарани од неговата работа.

Слично

Поврзани вести