Јавниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Ноќно студио“ изјави дека истрагата за трагичниот настан во Кочани на површина извадила сериозни системски слабости кои со години се акумулирале во институциите.
Тој посочи дека во вакви случаи обвинителите мора да постапуваат внимателно и без простор за грешка, бидејќи секој пропуст може да има сериозни последици.
-
Ти како обвинител во ваков случај не смееш да згрешиш. Не смееш да згрешиш со увидот, ниту со останатите дејства. Како што се собираа доказите, така се гледаше колкава ерозија има во системот. Како копаш по доказите, системските пропусти само излегуваат на површина. Тоа делува разочарувачки, но мора да ги преземеш сите дејствија – рече Коцевски.
Според него, доказите укажуваат дека системот е сериозно нарушен и дека трагедијата треба да биде силна опомена за иднината.
-
Ваква трагедија не смее повторно да се случи. Дали од ова ќе се извлече поука ќе покаже времето. Лично се надевам, но не сум голем оптимист – додаде тој.
Коцевски откри и дека за дел од обвинетите, покрај главното дело, постојат докази и за други, помали кривични дела, што дополнително ја покажува, како што рече, „порозноста на системот“.
Тој се осврна и на условите во кои работеле обвинителите за време на истрагата, нагласувајќи дека тимот работел под силен временски притисок.
-
Со оглед на запретената казна за делото, истрагата мораше да се заврши за помалку од три месеци. На барање на обвинителите го зголемував бројот на ангажирани обвинители бидејќи бевме ограничени со рокови. Тие работеа и сабота, и недела, и празници за да се заврши постапката навреме – рече Коцевски.
Тој додаде дека и покрај тешките услови, обвинителите ја завршиле работата професионално.
-
Немавме службени автомобили за да одиме во Кочани, па баравме возила од полицијата. Немавме ни доволно дактилографи, па баравме помош од Штип. Сепак, на крај успеавме да ја завршиме истрагата и да поднесеме обвинение – изјави Коцевски.
