Коце Трајановски добил обвинение, ама за брзо делото му застарело
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на претпоследниот ден од 2025 поднело обвинение против директорот на „Државни патишта“, Коце Трајановски, но делото за брзо застарело, затоа што се однесувало на случај уште од времето кога тој бил градоначалник на Скопје, а во предмет поврзан со осудениот бизнисмен Сеад Кочан и фирмата „Трансмет“ која е во стечај.
Трајановски е обвинет дека ја злоупотребил службената положба и овластување за дополнителни градежни работи на фонтаната со водоскоци (џампинг-џет) во 2016 година, а Кочан и неговата фирма дека ја злоупотребиле постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство.
За Трајановски, кој од 2024 е директор на Јавното претпријатие за државни патишта, денеска настапува целосна застареност на кривичното гонење.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија за БИРН дека го поднеле обвинението на 30 декември 2025, иако тогаш не ја известија јавноста за тоа.
„Прашањето зошто обвинението за кривично дело сторено во 2015/2016 година е поднесено во толку краток рок пред настапување на застареноста е прашање кое е во надлежност на овластениот јавен обвинител“, велат од Кривичниот суд.
Трајановски рекол дека со Кочан, кој беше правосилно осуден во предметот „Трансмет“, биле обвинети за различни дејствија, но се ставени во ист предмет, бидејќи станува збор за градежни работи плоштадот во Скопје.
Според судскиот календар, следното рочиште за овој предмет, во кој остануваат обвинети само Кочан и неговата фирма е закажано за 13 јули, кога веројатно ќе биде и констатирано застарувањето на делото против Трајановски.
